Советување за медиумите од вардарски регион
21-02-2014 РЕГИОН

Медиумите кои ќе информираат за претстојните претседателски  избори треба да обезбедат правичност, избалансираност и непристрасност, еднакви услови за пристап во сите облици на изборното медиумско претставување, а програмите за малолетници да не се користат за изборно медиумско претставување. Доследно да се почитуваат изборниот законик и Законот за радиодифузна дејност.  Ова меѓу другото беше речено на денешното советување за медиумите од Вардарскиот регион,  што го  одржаа претставници од  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Кавадарци.

„Целта на обуката е да бидат запознати медиумите со правилата и со начинот на кој што треба да го следат изборниот процес. Фактички се работи за превентивни обуки да не дојде до недоразбирање, бидејќи освен Изборниот законик и освен законот за радиодифузија, постои и посебна методологија по која што работи Агенцијата во однос на следењето на тоа како медиумите го покриват изброниот процес. Бидејќи се работи за претседателски избори треба да се почитува принципот на еднаквост спрема сите кандидати. Сега сме во еден период пред изборната кампања и треба да се воспостават правила по кои медиумиоте треба да го следат изборниот процес.  ДИК на 18 март ќе ги потврди кандидатите за претседател. Официјално изброната кампања почнува на 24 март. Да ги надминеме во овој период сите недоразбирања кои можат да се појават и да делуваме превентивно“ рече Виктор Шиков, претставник од програмскиот сектор во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Високи се казните кои ќе им бидат изречени на медиумите и одговорните лица и достигнуваат и до 5000 евра,  доколку се направат прекршоци во текот на следење на изборниот процес. Посебно треба да се почитуваат законските прописи пред почетокот на официјалната кампања, за време на изборната кампања и  предизборниот молк. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе врши  мониторинг на работењето на националните, регионалните и локалните  медиуми по веќе утврдена методологија.

A.Д



Share

Додади коментар