Советот ја утврди цената за тезги на панаѓурот, а се укина надоместокот за доградба на градинки
02-10-2018 РЕГИОН

 

 

Едногласно кавадаречкиот совет во рамки на шестата вонредна седница ги усвои измените на одлуката за утврдување на надоместок за учество на есенскиот панаѓур и одлуките за ослободување од плаќање надоместок за уредување градежно земјиште за доградба на детски градинки во објектите „Снежана“ и „Детелинка“.

 

Во измените на одлуката за есенскиот панаѓур е утврдена локацијата која ги опшфаќа ул,, Никола Минчев,, од спојот со Бул,,Македонија,, до спој со ,,Северен Булевар,, и      Бул,, Вељко Влаховиќ,, - десна коловозна лента гледано во правец од Бул,, Никола Минчев,, кон Бул,,Цветан Димов,, , како и дел од паркинг просторот пред зградата на УЈП и Гранична полиција .

 

Висината на надоместокот за учество на есенскиот панаѓур во град Кавадарци, за излагачите што изложуваат стоки или вршат услуги на локации се определува во висина од 1.600 денари/м’, за времетраење на панаѓурот.

 

Со денешната одлука на советот за доградба на објекти во детската градинка, за објектот „Снежана“ ослободувањето од комуналии е 468.500 денари, а за „Детелинка“ 1.320.025 денари.

 

Градоначалникот Митко Јанчев образложувајќи ги одлуките на дневен ред нагласи дека панаѓурот ќе се одржи бидејќи 76% од кавадарчани на анкетата се изјасниле дека се за продолжување на оваа традиција.

 

 

Обемот на локацијата каде ќе се одржи панаѓурот, рече Јанчев, е намален за 100 метри во должина. На едно место ќе бидат поставени скарите, а на друг дел останатите тезги.

 

„Моравме да го задоволиме барањето на мнозинството граѓани за одржување на панаѓурот. Си земам обврска да направиме достоен панаѓур. Ќе има многу повеќе тоалети, ќе се контролира дали ќе се поставуваат тезги на места кои не се дозволени за панаѓурот, а ќе се бара од излагачите и поголемо ниво на хигиена“ нагласи Јанчев.

 

Најавите за предвремени парламентарни избори беа причина за бројни реплики меѓу советниците. Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев, го опомена претседателот на советот дека на последната седница ја злоупотребил говорницата и ги повикал граѓаните да излезат на гласање на референдумот. На тоа Сакалиев одговори дека повикот го направил по затворање на седницата и го имал тоа право да ги повика неговите поддржувачи.

 

Координаторот на советничката група на СДСМ, Лазар Туриманџов посочи дека актуелната влада има издвоено повеќе пари за една година за разлика од претходната влада за проекти за Кавадарци, независно со градоначалникот е од друга политичка партија. Туриманџов исто така посочи дека неговата советничка група и во иднина ќе ги поддржува сите добри проекти на градоначалникот.

 

 

Потоа следеше реплика од советникот Јованчев кој ги спомена реализираните проекти во минатото.

 

Градоначалникот Јанчев образложи дека со доградбата на објекти во детската градинка ќе се овозможи прием на уште 170 деца кои чекаат да бидат примени.

 

Советничката Божанка Минова ја поздрави одлуката за доградба на простор за градинка, бидејќи, како што рече, многу родители ќе го решат проблемот нивните деца да се примат во градинка.

 

И советничката Душица Крстиќ посочи дека доградбата на објекти за градинка е најидеално и брзинско решение, бидејќи голем е бројот на деца што чекаат прием во градинка.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар