И општина Кавадарци ќе се вброи во редот на општините кои со еднократна парична помош ќе помагаат за зголемување на наталитетот. Денеска советот на општината во рамки на седмата редовна седница донесе одлука која стапува на сила од 1 јануари следната година, а на родителите ќе им се исплаќа еднократен надомест од 6.000 денари за новороденче, а за родителите кои се невработени надомест од по 10.000 денари. Предлогот на советникот Горан Белевски беше на денешната седница едногласно подржан од советниците.
Советот на денешната седница исто така донесе одлуки за промена на имиња на улици во град Кавадарци. Името на улицата „ЈНА“ се променува во „Тиквешко востание“, „29 ноември“ во „8 ми септември“, улицата „Едвард Кардељ“ се променува во „Никола Минчев“, а „Енгелсова“ во „Трајче Мукаетов“. Со одлука на советот градскиот парк се именува „Љупчо Шкартов“.
На седмата седница, советот ги разгледа и усвои прогрмаите и извештаите кои се однесуваат на работењњето на основните и средните училишта во општината. Во дискусиите на советниците беше нагласен проблемот со намалениот број на ученици. Советникот Горан Белевски праша зошто наспроти намалувањето на бвројот на ученици се зголемувал бројот на вработени наставници. Градоначалникот Александар Панов одговори дека генерално не се работело за зголемување на бројот на наставниците. Се примале нови наставници на местата на оние кои заминуваат во пензија. Трендот на намален број на ученици ќе се решава со воведување на едносменско работење во средните училишта, рече градоначалникот.
„Заради квалитетот на наставата многу добро е да има поголем број наставници на помал број ученици, но мора да се внимава кој се вработува“ рече во својата дискусија меѓу другото советникот Ташо Радњански нагласувајќи дека многу важно е да се прима квалитетен наставен кадар, а не да се вработува по партиска линија.
Советникот Златко Јованов рече дека е потребно општината да издвои за следната година повеќе финансиски средства за потребите на училиштата, а го поздрави, како што рече, успешното менаџирање на директорите.
Градоначалникот Панов заклучи дека досега успешно е завршена реконструкцијата во најголем дел од училиштата, а општината многу има инвестирано во тие активности.
“Ни остана уште една фаза која ќе ја завршиме со пари од Евроспката банка, а тогаш ќе кажеме дека имаме европски услови за настава, како за учениците, така и за наставниците“ рече Панов.
Наспроти намалувањето на бројот на ученици во училиштата во општина Кавадарци се бележи зголемен број на дечиња во градинаката „Рада Поцева“, констатираа советниците. Градоначалникот најави дека ќе се превземат сериозни чекори за ставање во функција на градинката во Ваташа, а со кредит од Светска банка ќе се изгради и нова градинка во Кавадарци со цел да се реши проблемот со пренатрупаност на градинката.
На денешната седница беа доенсени и неколку урбанистички одлуки, извештајот за реализацијата на програмата за комунално уредување, урбанизам, сообраќај и заштитана животната средина за 2012 година, а реализирано во 2013 и програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2013. Се донесоа и одлуки со кои се определува надоместокот за изборни трошоци на организаторите на изборната кампања и на изборната комисија и избирачките одбори за спроведувањето на локалните избори.
Советот го разгледа и усвои извештајот за работењето на ЈП Комуналец за период од 1јануари до 30 јуни годинава.
Ангел Данов

Додади коментар