Советот на Росоман ја одржа последната седница во овој состав
06-08-2021 РЕГИОН

Едногласно, со 8 гласа „за“ советот на општина Росоман даде зелено светло за предложениот ребаланс на буџетот. На 54-та редовна седница, која е последна на актуелниот состав на советот, ребалансот го образложи раководителот на секторот за финансии Ратко Стаменов.

 

Советникот Атанас Стојанов забележа зошто неговиот предлог за помош на граѓаните од општината, кои прележале ковид 19, не бил дел од ребалансот на буџетот. Инаку неговиот предлог бил секој кој бил на боледување поради овој вирус да добие по 2500 денари, помош од општината.

 

Од секторот финансии одговорија дека ваквиот предлог не бил дел од денешниот ребаланс, бидејќи се распишуваат локалните избори и во наредниот период е неможно да се вршат исплати кон граѓани.

 

На денешната седница пред советниците се најде и кварталниот извештај за извршувањето на буџетот во период од 1 април до 30 јуни годинава.  Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Јованче Јошев,  забележа дека имало слаба реализација на капитални проекти и поради тоа ќе гласаат воздржано.  Нагласи дека слаба била реализацијата и во изминатите години, а советничката група која ја претставува секогаш давала поддршка за проекти кои биле од интерес за граѓаните и општината.

 

Иста критика упати и советникот Стојанов. Градоначалникот Бранко Јанев посочи дека секогаш во првиот квартал реализацијата на проекти била со послаба динамика, бидејќи се започнувале постапки за реализација.  Наброја неколку проекти кои се веќе завршени и проекти чија реализација е во тек, а ги критикуваше советниците кои го бојкотирале проектот за уредување на централното порачје кај местото „плочата“.

 

Советникот Атанас Стојанов на седницата најави кандидатура за градоначалник, а актуелниот градоначалник Јанев им се заблагодари на советниците и граѓаните за соработката во мандатот кој одминува.

 

На денешната седница советот едногласно одлучи да се додели финансиска помош за реализирање на планираните активности на ПСД „Клепа“ во висина од 30.000 денари и помош за семејството Атанасови од село Сирково, во висина од 50.000 денари,  чие трло било опожарено и претрпеле материјална штета.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар