Едногласно, без дискусии советот на општина Кавадарци, денеска во рамки на 33-та седница го усвои ребалансот на буџетот за 2019 како и кварталниот извештај за извршувањето на буџетот за третиот квартал.
Едногласно беше донесена и програмата за оджување на локалните патишта и улици на подрачјето на општина Кавадарци во зимски услови и одлуката за донесување урбанистички план за село Дреново за плански период 2014-2024.
Советот едногласно гласаше и за годишните планови за вработување 2019 и 2020 на ЈП за јавни паркиралишта „Паркинг“ . Усвоен беше и извештајот за редовното работење на ЈП „Јасмин“, а се донесе и одлука за утврдување на режим за сообраќај за воведување на зонско паркирање на определени јавни површини.
Едногласно беше усвоен предлог правилникот за начинот на вршење видео надзор на територијата на општина Кавадарци.
Градоначалникот Митко Јанчев појасни дека видео надзорот ќе се врши во склоп на повикувачкиот центар кој работи во општината, согласно сите законски прописи во земјава, а луѓето кои работат за опремата за надзор имаат безбедносни сертификати. Тие не смеат да носат смарт телефони додека се на работа, ниту пак можат да располагаат со видео материјалот. Видео материјал, рече Јанчев, може да се извади од серверот единствено по барање на обвинителството, така како што предвидува законот.
Во рамки на денешната седница беа едногласно усвоени измените и дополнувањата за програмата за развој на општина Кавадарци, како и одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на административните службеници, зголемувањето на платите на помошно техничките лица и зголемување на платите на вработените на ТППЕ Кавадарци.
Советот ги усвои и измените и дополнувањата на одлуката за тарифа на цени по зони за организирање на зонско паркирање.
А.Д
Додади коментар