Советот на општина Кавадарци ја одржа 29-та редовна седница
22-04-2015 РЕГИОН

Со 11 гласа „за“ и 4 “против“ Борче Мустеников е избран за командир на полициската станица во рамки на денешната 29 седница на советот на општина Кавадарци. Советот одлучуваше по предлогот од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска,  во кој беа содржани тројца кандидати за командир. Покрај Мустеников за командир на кавадаречката полиција беа предложени и Тони Ангелов и Дејан Николов.

Советниците на СДСМ гласаа против предлогот за избор на команидр на полицијата во Кавадарци со образложение дека предлогот, за нив,  нема легитимитиет.

„Ќе го игнорираме овој предлог бидејќи Јанкуловска треба да си даде оставка. Нејзиниот предлог нема лигитимитет“ рече советникот Зоран Бањански. Советникот од ГРОМ, Димитар Зарков забележа дека ваквите готови предлози што доаѓаат до советот се штури со по една реченица од биографија на кандидатот. „Потребна е програма како да се подобри бзбедноста во градот“ рече Зарков.

Едногласно советот на денешната седница донесе одлуки за утврдување нацрт детален урбанистички план за дел од УБ „Трибор“ УМ 12 Кавадарци и УБ 17 К „Гоце Делечев“ плански период 2014-2019. Пред советниците беше и извештајот за редовното работење на ЈП за стопанисување со спортски објекти „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ Кавадарци за 2014 година.

Советникот Зарков се понуди да помогне во работењето на салата „ЈАсмин“ и порача дека може и подобро да се менаџира со овој објект. Советничката Божанка Минова побара во иднина да се направи потемелен извештај за работењето на спортската сала.

„Искористеноста ги задоволува потребите од тренинзи и натпревари. Има намалени приходи од рекламирање и угостителски услуги“ рече Минова и апелираше да се подобри менаџирањето со објектот, да се интервенира атлетската патека и да се зголеми понудата на салата за концерти и други манифестации.

Директорот на спортската сала, Сашо Атансов рече дека задоволува искористеноста на спортската сала, а дека атлетската патека и игралиштето не се под ингеренции на „Јасмин“ туку имаат друг сопственик. Извештајот на „Јасмин“ беше едногласно усвоен.

Предлог прогрмаата за работа на домот на културата „Иван Мазов Климе“ за 205 година беше на повторно разгледување од советниците. Беше усвоена со 10 гласа „за“ и 4 „против“.

Советниците од СДСМ прашаа дали собирањето на потписи против лидерот на опозицијата Зоран Заев и трибината на Граѓанското движење за ослободување на Македонија биле дел од програмата за работа на домот на културата и дали им било фактурирано за тоа што им бил отстапен просторот на домот на културата.

Директорот на домот на културата Владимир Темков одговори дека просториите на домот на културата се издаваат на сите заинтересирани граѓани, здруженија на граѓани и полтиички партии.

Градоначалникот Александар Панов нагласи дека домот на културата не им наплаќа на здруженијата на граѓани за користењето на простории, но доколку советот смета дека треба да се плаќа надомест и за нив да се изготви тарифник за извршена услуга и сите советници заедно да ја утврдат цената.

Едногласно беше усвоен статутот на локалниот музеј галерија Кавадарци, а се разгледуваше и информацијата за состојбата со јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата за второто полугодие од 2014 година.

Советничката Божанка Минова во својата дискусија нагласи дека од информацијата може да се констатира дека полицијата има зголемени активности во делот на превенцијата. Таа зебележа дека во информацијата не е содржано трократното убиство во Кавадарци што се случи во ноември минатата година. Побара поголема извешајност од полицијата за да може да се утврди не само квантитетот туку и квалитетот од работата на полицијата, посебно во делот на поднесување на кривични пријави и нивна судска разрешница.

Градоначалникот Панов му го честита изборот за командир на полицијата на Боче Мустеников. Рече дека и во иднина треба да има намалување на процентот на сите кривични дела и  прекршоци.

„Кавадарци предничи по поднесување на анонимни кривични пријави. Потребно е законски измени и тој што поднесува кривични пријави да биде јасно потпишан со име и презиме бидејќи ќе се подзамили дали ќе поднесе кривична пријава доколку се работи за лажно пријавување“ рече Панов.

Советот донесе одлуки за давање на трајно користење на книги од проектит „Звезди на светската книжевност“ и “Врвови на светската филозофија“. Беше донесена и одлука за еднократен отпис на долгови на корисници на социјална помош по основ на комунална такса за јавно осветлување, а едногласно беа донесени и одлука за финансиска помош на кавадарчанец чија куќа изгоре во пожар  и измените на програмата за урбанистички планови во општина Кавадарци за 2015 година.


Ангел Данов



Share

Додади коментар