Едногласно, кавадаречкиот совет го усвои буџетот за 2021 година во рамки на 50 -та седница, која советот ја одржува преку видео конференциска врска, поради состојбата со корона вирусот.
Предложените амандмани од советниците беа усвоени од предлагачот и истите ќе бидат составен дел на општинската каса за следната година.
Градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање нагласи дека во буџетот се содржани проекти за сите населени места и нема изоставено ниту едно село или урбана заедница.
Во продолжение на седницата, едногласно без дискусии, беа усвоени програмите за работење на локалната самоуправа следната година, како и извештаи, програми и одлуки за работењето на јавните претпријатија.
Едногласно советот ги прифати доделените донации од „Зока трејд “ дооел Кавадарци во заштитни маски кои се распределуваат на јавни претпријатија во општината, од компанијата Кожувчанка и од „З транспорт претставништво Кавадарци за изградба на спомен паркот на Киро Крстев и Димче Мирчев.
На денешната седница советот едногласно даде зелено светло на одлуките со кои се утврдува вредноста на бодот за платите на административните службеници, помошно-техничките лица вработени во општина Кавадарци и за вработените во против пожарната единица.
Две лица со телесен инавлидитет од Кавадарци добија донација од општината електрични колички.
Повторно советот даде негативно мислење по барањето од министерството за животна средина-сектор за води за издавање дозвола за користење на вода од река Дошница.
Претседателот на советот Ристо Сакалиев се заблагодари на сите советници за соработката во годината која изминува. Рече дека сите донесени одлуки биле во интерес на сите граѓани.
Градоначалникот Јанчев зеде обврска со службите веќе од утре да започнат со подготовки за реализација на денеска усвоените програми, одлуки и буџетот за следната година.
„Видливи се заедничките успеси во промените во инфраструктурата во градот и во сите останати сегменти на делување на општината“ рече Јанчев и посака многу здравје на сите советници и на сите граѓани на општина Кавадарци за новата 2021 година и апелираше до советниците, како јавни личности, максимално да ги почитуваат мерките и препораките донесени од комисијата за заразни болести и од владата.
А.Д
Додади коментар