Советот донесе програма за прослава на Свети Трифун во Кавадарци
30-01-2018 РЕГИОН

 

Едногласно кавадаречкиот совет денеска во рамки на шестата редовна седница ја усвои програмата за одбележување на празникот на лозарите „Свети Трифун“. За денот кога симболично се закројува виновата лоза, од општинската каса на Кавадарци ќе се потрошат 1.200.000 денари за прослава.

 

Програмата ќе ја реализира правното лице „Иноватива груп“ од Скопје.

Советниците од СДСМ нагласија дека комисиската расправа за програмата поминала во напната атмосфера и дека биле „скинати“ околу 600.000 денари од прично планираните 1.800.000 денари.

 

„Во координација со координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ договоривме првично предвидената програма за Свети Трифун да биде корегирана во интерес на лозарите, бидејќи имаше многу нејасни работи. Сега ќе ја усвоиме изменетата програма, но за следната година ќе бараме модел како да потрошиме дел од овие пари за да се наградат најдобрите лозари“ рече советникот Лазар Туриманџов.

 

Советникот Ташо Радњански рече дека му пречи тоа што програмата за кавадаречка манифестација подготвува некој што не е од Кавадарци.

 

„Зошто дел од тие пари да не одат за полски патишта или награди за лозарите. Наместо да извезуваме традиција, ние увезуваме. На ваков празник треба да го промовираме она што е наше, за да не се изгуби автентичноста на Кавадарци“ порача Радњански.

 

Од СДСМ беше побарано кога ќе се пишува програма за било каква друга манифестација да има дебата.

 

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јованчев во својата дискусија нагласи дека ќе ја подржат програмата.

„Со оваа програма се надевам дека Кавадарци ќе го брендираме и другите ќе ни позавидат. Добро е тоа што над 90 отсто од учесниците во програмата се кавадарчани“ рече Јованчев.

 

Кавадаречкиот совет денеска ја усвои и програмата за контрола на бездомните кучиња за 2018.

 

Советничката Василка Дрварова побара појаснување до каде е стигнато со реализација на истата програма која беше донесена на крајот од минатата година.

 

Раководителот на секоторот за комунално уредување, сообраќај и заштита на животната средина, Драган Симоновиќ информира дека од ланската програма биле превземени низа мерки. Била почната постапка за проверка и регистрација на бездомните кучиња. Тој посочи дека и понатаму голем е бројот на кучиња скитници кои се носеле во Кавадарци од други општини.

 

Програмата беше едногласно усвоена, а едногласно на совет помина и програмата за управување со отпад за оваа година.

 

Советот во рамки на денешната седница ги усвои измените и дополнувањата на програмата за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Кавадарци и измените на одлуката за висината на надоместоците што се плаќаат за користење на општинските јавни патишта и на одлуката за линиски превоз на патници.

 

Едногласно беше донесена и одлука за обезбедување подршка во подобрувањето на енергетската ефикасност во колективното домување, и годишниот план за вработување на општина Кавадарци за 2018. Помина извештајот за работењето во минатата година на општинскиот совет за превенција и програмата за работење годинава.

 

Беше формиран совет за јавно здравје, а се донесе и програмата за активностите на општина Кавадарци во областа на спорт и млади за 2018 во која е содржана и финансиската помош што општината ќе им ја даде на спортските клубови во градот.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар