Советот го усвои ребалансот на буџетот и кварталниот извештај
15-11-2017 РЕГИОН

 

Кварталниот извештај за извршување на општинскиот буџет и ребалансот на буџетот едногласно беа усвоени од советниците на денешната втора редовна седница на кавадаречкиот совет.

 

Раководителот на секторот за финансии, Цанка Јовановска, образложувајќи го извештајот и ребалансот ги спомна и вкупните обврски кои ги има општината. Нагласи дека во моментот по основ на доспеани фактури општината има обврска од 36.246.000 денари.

 

„Буџетот на општина Кавадарци за 2017 година е дименизониран на износ од 873.256.000 денари каде што редовните буџетски приходи се планирани на износ од 456.045.000 денари, приходи од дотации во износ од 349.011.000 денари, проходите од самофинансирачки активности сер во износ од 34.942.000 денари, додека приходите од донации се 29.405.000 денари, а од кредити 3.853.000 денари. Остварувањето на вкупните приходи во третиот квартал се 48,75% од планираното“ рече Јовановска.

 

Раководителот на секторот финансии во делот на ребалансот нагласи дека се врши намалување од 112.420.000 денари како во приходниот, така и во расходниот дел.

 

Според советникот Ташо Радњански од СДСМ кварталниот извештај и слабата реализација на буџетот бил документ кој го покажувал лошто работење на претходниот градоначалник. Советниците од опозицијата во советот рекоа дека секогаш се правел ребаланс на буџетот, од причина што едно е планирање на буџет, а друго негова реализација.

 

Градоначалникот Митко Јанчев во својата дискусија нагласи дека општината во работењето е транспарентна и сите информации кои сакаат да ги дознаат советниците можат да се обратат до службите и се што ќе побараат ќе им биде одговорено. Според проценките на Јанчев општина Кавадарци не е со голем долг.

 

Повеќе дискусии и различни ставови се слушнаа околу планот за програмите за развој. Градоначалникот, по неколкуте реплики меѓу советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во делот на образованието и приоритетите на училиштата нагласи дека развојните програми се само насока за планирање на буџетот за следната година.

 

„И јас сум поборник за едносменска настава. Ќе се трудиме да го направиме тоа. Греењето во СОЗУШ „Ѓорче Петров“ и СОУ „Ќиро Спанџоив Брко“ наскоро ќе биде подобрено. Дрекслмаер ќе опреми две училници во електро-техничкото училиште. Нема да бидат занемарени и другите училишта. Новата градинка е пред пуштање во функција. Уште вчера Министерството за труд и социјална политика распиша тендер за набавка на потребната опрема. Ние треба да го оградиме објектот. Мои најоптимистички прогнози се дека градинката ќе биде во функција февруари-март“ рече Јанчев и додаде дека негов стремеж е сите институции да добијат квалитетен кадар за директори.

 

Едногласно советот го прифати планот на програмите за развој, а едногласно беа прифатени и одлуките за набавка на течно гориво за затоплување и за распределба на средства со намена за привремени вработувања.

 

На прашање од советникот Лазар Туриманџов од СДСМ, раководителот на финансии Јовановска одговори дека предмет на привремени вработувања се 19 лица од кои 5 во пожарната, и останатите во градинките и останатите институции под локалната самоуправа.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар