Кавадаречкиот совет денеска заседаваше без советничката група на СДСМ. Тие ја напуштија осмата по ред седница во знак на протест против апсењето на претседателот на советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ.
„Бараме судот да го укине притворот за претседавачот на општина Центар.Да престане притисокот од власта. Очекуваме дека конечно на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски ќе им проработи совеста“ рече во образложението за напуштањето на седницата пред утврдувањето на дневниот ред за работа координаторот на советничката група на СДСМ, Зоран Бањански.
Градоначалникот на општинаКавадарци искажа жалење за одлуката на советниците да не учествуваат во работата на советот. “Жалам за овој потег на советниците на СДСМ, заради лошата партиска директива и слепото почитување од општинскиот огранок во Кавадарци“ рече Панов.
По нивното напуштање советот ја продоложи работата со 12 советници кои без многу дискусии ја усвоија програмата за работа на зимската служба на општината за 2013/2014 година и повеќе одлуки од сверата на урбанистичкото планирање.
Во програмата за работа на зимската служба се наведува дека таа преку целиот зимски период ќе биде подготвена да работи во текот на 24 часа, а нејзината работа ќе чини 3 милиони денари. На денешната сеница беа усвоени и неколку одлуки за одобрување на финансиски средства од буџетот на општината на лица на кои им е потребна помош од заедницата. Се изврши промена на основачот на Фондацијата за подршка на Мали Бизниси Кавадарци, нејзиното седиште, статутот и програмата за работа, а со одлука на советот беа утврдени и нови раковдни лица.
Оваа фондација беше формирана во мандатот на градоначалникот Панчо Минов, а имаше за цел да ги кредитира малите бизниси во општината. Актуелниот градоначалник Александар Панов на денешната седница ги изнесе причините поради кои мораше да се изврши промена во фондацијата. Нагласи дека по превземањето на градоначалничката позиција било утврдено дека била многу слаба наплатата на ратите за издадените кредитни средства. Успеал со службите на општината да наплатат значаен долг од малите бизнисмени и во моментот фондацијата имала на располагање над 6 милиони денари.
„Сега овие пари ќе се пренаменат за изградба на катна гаража. Многу е подобро тие пари да се пренаменат за изградба на капитален објект, отколку пак да трчаме и да ги собираме парите“ рече Панов и нагласи дека сега улогата за финанирање на малите бизнии сега ја превземала владата.
Во рамки на денешната седница советниците ја усвоија програмата за енергетска ефикасност на општината за периодот 2013-2015 и акциониот план за енергетска ефикасност за 2013 година, а се донесе и одлуика за долгорочно домашно задолжување за подобрување на општинските услуги, т.е за реконструкција на образовните институции.
Пред да ја напуштат седницата, советниците од СДСМ побараа оваа точка да се разгледува на наредна седница бидејќи требало да помине на комисиска расправа. Но, сепак задолжувањето се разгледуваше како дополнителна точка, а со одлуката се уредува домашно задолжување на општината Кавадарци кое ќе се оствари преку потпишување на Договор за под заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со проектот за подобрување на општинските услуги финансирани со заем од Светска банка во висина од 45.500.000 денари. Парите од ова задолжување ќе се искористат за реконструкција на покривот и доградба на училници во гимназијата „Добри Даскалов“, реконструкција на подрачното училиште „Страшо Пинџур“ с. Марена со целосна замена на ПВЦ столарија, реконструкција на покривот на СОУ “Ќиро Спанџов Брко“, а ќе се реконструира и покривот но ќе се заменува и топловодниот котел во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“.
„Со завршување на реконструкцијата на овие објекти можеме да кажеме дека сите образовни установи во општината ќе им понудат квалитетни услови за настава на учениците по европски терк“ рече градоначалникот Панов образложувајќи ја одлуката за задолжување.
Советникот Ташо Радњански праша зошто не е влезена во планот и доградбата на само три училници во СОУ „Ќиро Спанџов Брко“ со што ќе се создаделе услови за едносменска настава, на што градоначалникот одговори дека, доградбата ќе биде завршена со средства од оперативниот општински буџет. Панов најави дека со исто вакво поволно задолжување од Светдка банка во Кавадарци ќе биде изгадена и нова градинка со што ќе се реши проблемот со недостиг на слободни места во постоечките капацитети на градинката во Кавадарци.
Ангел Данов
Додади коментар