Планот поднесен од ГСОЛ, за реорганизација на ФЕНИ Индустри, пирометалуршка фабрика за производство на фероникел во Кавадарци, е конечен, како што соопшти Судот во Велес.
Со соопштението на Судот се потврдува правосилноста на Планот за реорганизација на ФЕНИ Индустри, и истиот претставува извршен документ во согласност со одредбите од Законот за стечај.
Планот беше одобрен од страна на Собранието на доверители како и од Одборот на доверители на ФЕНИ Индустри и вклучува значителна инвестиција за стабилизирање и подобрување на активностите на ФЕНИ.
Коментирајќи ја судската одлука, Маркос Камхис, директор на ГСОЛ, рече: „Денес се става крај на периодот на несигурност, сомнеж и проблеми за ФЕНИ Индустри и започнува периодот на инвестиции, раст и стабилност за компанијата. Завршувањето на формалниот процес на стечај му овозможува на ФЕНИ да се насочи кон одржлива иднина како сигурен снабдувач на светскиот пазар на фероникел и со тоа повторно да стане еден од најголемите извозници во земјата, како и да го даде својот значаен придонес кон растот на БДП."
„Успешната реорганизација на ФЕНИ е заслуга на трпението и напорната работа на вработените во ФЕНИ и бројните институции во државата, чија професионалност и посветеност демонстрираа дека државата е отворена за директни странски инвестиции. ГСОЛ е задоволен што се обврза да ја одржи фабриката во работна состојба, со што зачува повеќе од 750 значајни работни места за време на стечајниот процес, преку договорот за процесирање на руда. Сега сме насочени кон натамошни подобрувања за зајакнување на активностите на фабриката преку Еуроникел“, додаде Камхис.
Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел, рече: „Судската одлука ја завршува неизвесноста за вработените и гарантира безбедност за многумина во нашата заедница. И покрај многуте пречки и предизвици во минатото, сега сме во состојба нашите финансиски ресурси и експертиза да ги ставиме во корист на компанијата, заедницата и земјата како целина."
Додади коментар