Со реконструкцијата на плоштадот ќе се изгради мини парк
19-11-2018 РЕГИОН

 

Реконструкцијата на градскиот плоштад со воведување на нови содржини е во тек. Се отсранија едната фонтана и амфитеатарот, а како што велат од општината на нивно место ќе се издигне мини парк кој ќе има голем процент на зеленило и клупи за одмор.

 

Мини паркот се наоѓа на иста висинска кота со плоштадот и до него се пристапува од северната и јужната страна – велат од општината. Делот за движење ќе биде бетониран и декориран со ленти од кулир пласт, а останатиот дел исполнет со трева, цвеќе и дрва.

 

„Останатиот дел од плоштадот се збогатува со зеленило со што се користи постојната шема на поплочување. Дел од поплочените краци кои не го попречуваат движењето и пристапот до важните точки на плоштадот се заменуваат со трева во кои се предвидува да се засади ниско зеленило – трева и високо, дрва од типот јавор кои би биле оградени со ниски рабници“ се наведува во отчетот на градоначалникот Митко Јанчев, што деновиве се доставува до граѓаните.

 

Како што понатаму се наведува, новите зелени краци заедно со постојното средно зеленило би го опкружиле слободниот простор за собир на поголема маса на луѓе при одржување на манифестации како Тиквешки гроздобер, Свети Трифун, Нова Година и слично.

 

За дополнително освежување на просторот пред општинската зграда се предвидува поставување на бетоснки жардинерии врз двете посточки фонтани во кои би се засадило ползечко цвеќе.

 

За реконструкција на плоштадот ќе бидат потрошени 3.250.000 денари.

 

A.Д



Share

Додади коментар