Немањето струја е главен проблем поради кој е закочен развојот на скијачкиот центар Кожуф. Веќе неколку години поради тоа штети трпат сопствениците на објекти во туристичката населба на Кожув. Иако официјално со барања и потребни документи тие побарале индивидуален приклучок од ЕВН Македонија, во два наврати КЕЦ Гевгелија одговорила негативно на нивните барања. Во решенијата пишува дека струја не може да добијат бидејќи имало технички недостатоци за тоа.
Сопствениците со кои разговаравме велат дека ваквото образложение од ЕВН не држи бидејќи комапнијата Ски Кожуф имала изградено нова ниско напонска мрежа и тие до пред извесен период користеле струја.
„Во декември 2008 година добивме струја. Беше изградена нова подземна ниско-напонска мрежа со приклучни ормари до секој објект. Повремно струјата се исклучуваше само поради познати причини на комапнијата „Ски Кожуф“. Во последните четири години ние воопшто немаме струја. Во два наврати поднесовме барање за индивидуален приклучок на нашите објекти до КЕЦ Гевгелија. Кога го поднесовме барањето од КЕЦ Гевгелија усно ни беше речено дека струјата била готова, само се чекала некаква изјава и веднаш ќе добиеме приклучок. Но пак бевме одбиени“ објаснува сопственикот на мини хотелот „Вила Тодоров“, Марјан Тодоров.
Извршниот директор на „Ски Кожуф“, Ангел Наков имал потпишано изјава со која ја отстапува нисконапонската мрежа која била во нивна сопственост, на ЕВН, се со цел сите сопственици на објекти да добиеле струја, но и покрај тоа објектите на Кожув неможат да добијат приклучок на електро мрежата.
„Јас моите чесно заработени пари од фудбалот ги инвестирав во два објекта во туристичката населба на Кожув планина. Изградив вила за домување и хотел кој заради немање на струја никако неможам да го ставам во функција“ вели фудбалерот Горан Мазнов кој има изградено два објекта на Кожув.
Ангел Данов

Додади коментар