Синоќа советниците на Советот на општина Неготино ја одржаа осумнаесеттата редовна седница на која и овојпат советниците два часа изгубија во расправа за утврдување на дневниот ред за седницата.
Повторно советниците од Социјалдемократскиот сојуз реагираа за дополнувањето на дневниот ред пред самата седница и ненавременото доставување на материјалите за седницата согласно деловникот за работа на Советот. Од овие причини уште на почетокот советниците од СДСМ се изјаснија дека нема да гласаат за точките за кои не учествувале во комисиските расправи или пак немаат доставено дополнителни материјали. Во продолжение на седницата по образложението од страна на Борче Јанкуловски за тоа што е направено во изминативе пет месеци, за Стратегијата за локален економски развој на општина Неготино за периодот 2015- 2020 година по што едногласно беше усвоен и Акциониот план за спроведување на Стратегијата за локален економски развој на општина Неготино. Советниците без расправа ја усвоија предлог одлуката за утврдување на урбанистички плсн вон населено место место викано „ Раткин Дол “ за изградба на сончеви фотоволтаични централи на дел од КП број 1086/ 1 во Неготино, а ги прифатија и иницијативите за отпочнување на постапка за изработка на локална урбанистичка планска документација за катастарските парцели 3410/1 и 3410/2 за изградба на деловен објект салон за керамика од левата страна на патот Неготино Дуброво на Андреја Пилев, и иницијативата на Илија Илиев за изменување на Деталниот урбанистички план на дел од урбаната заедница 7.1.
Исто така со 10 гласа за и 3 воздржани беше усвоена предлог одлуката за утврдување на нацрт детален урбанистички план на урбаната заедница 3/1 и предлог одлуката за утврдување на урбана планска документација за бесправно изградените објекти во КО Калањево. Советниците од СДСМ беа воздржани и при усвојувањето на предлог одлуката за прифаќање на иницијативата на правниот субјект БИСМЕТ ДООЕЛ Скопје за отпочнување на постапка за изработка на Урбанистички план вон населено место за 16 катастарски парцели во местото викано „Раткин дол“. Беше усвоен и заклучокот по однос на поднесените барања до општина Неготино за одобрување на елаборати за заштита на животната средина од подносителите кои обавуваат дејност во урбани заедници за домување, со тоа што Советот ги задолжува во рок од три години да извршат дислоцирање на својата дејност. На крајот од седницата беа усвоени и предлог одлуките за доделувања на признанија и награди 8- Ноември. Советниците беа едногласни во усвојувањето на одлуката за утврдување на надоместок на згрижувачки семејства од општина Неготино бидејќи досега сеуште во оваа општина нема згрижувачки семејства. Советниците со 9 гласа за и 3 воздржани ја усвоија одлуката за изменување и дополнување на буџетот на Општина Неготино за 2014 година.
Мирјана Мукаетова

Додади коментар