Синдикатот на работниците од управата , правосудните органи и здруженија на граѓани на (УПОЗ) , денеска побара воведување на седумчасовен работен ден, и предложи 2-ри јануари и 2-ри мај да бидат прогласени за неработни денови.
Претседателот Пецо Грујовски на денешната прес-конференција рече дека е време Македонија да биде приклучена на европските трендови и ги побара горенавадените работи во новиот Закон за работни односи.
„Со седумчасовно работно време ќе има подобра распределба на трудот. Со намалување на работното време ќе се доведе до потреба од ангажман на дополнителен број на работници. Исто така ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството како и за рекреација“, рече Грујовски.
Грујовски исто така истакна дека прогласувањето на 2-ри јануари за неработен ден донел позитивни реакции кај вработените во администрацијата и во стопанството затоа што во тој период работните процеси се сведени на минимум.
Иницијатива за прогласување на 2-ри јануари и 2-ри мај за неработни денови, како и воведување на седумчасовен работен ден, ќе поднесе до Владата на Република Македонија Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на (УПОЗ).
„Традицијата на одбележување на меѓународниот ден на трудот треба да продолжи, и покрај 1-ви, и 2-ри мај да биде прогласен за празник“, истакна Грујовски.

Додади коментар