Ако до среда до 15 часот не се добие позитивен одговор за исплата на плата, набавка на струја за печката и продолжување со производство, синдикатот на Еуроникел индустри денеска најави блокада на комбинатот за во четврток. Според нивните најави блокадата ќе ја започнат во 5 часот и 35 минути.
Претседателот на синдикатот, Миле Ѓорѓиев вели дека синдикалната организација е загрижена и незадоволна од состојбите. Доколку нивните барања не бидат исполнети тој најавува дека ќе се блокира влезот во фабриката и нема да се пропушта никој да влезе.
Ѓорѓиев информира дека вчера на барање на раководството на синдикатот се одржала средба со директорот и раководството на Еуроникел индустри. Бил побаран одговор на повеќе прашања.
- Ни беше речено дека септемвриската плата ќе се доплати кога ќе има средства, но без одредена дата. Потоа се постави прашањето до каде е барањето на нов партнер. Овде одговорот беше дека во рок од 30 дена ќе се реши што и како понатаму, а нема одговор како ќе се преживеат тие 30 дена. За нас како Синдикат очигледно е дека сопственикот сака да ја продаде фабриката, само не може да се договори за цена со потенцијалниот инвеститор. Директорот ја демантираше оваа констатација и на прашањето дали има конкретна понуда за преземање на компанијата од заинтересиран инвеститор вели дека се уште нема таква понуда - што значи дека сакаат да ја продадат фабриката, вели Ѓорѓиев. Тој додаде дека на средбата не бил добиен одговор и на прашањето од каде ќе се најадат пари за октомвриската плата, за струја за печката но и за тековно одржување на фабриката.
А.Д
Додади коментар