„Дојде крајот на месец октомври, а нас платата за септември сеуште не ни е исплатена. Сите овие месеци ни ветувавте дека работите ќе одат кон подобро, дека ќе расте производството и ќе пораснат и платите и ние ви верувавме. Место тоа работите се катастрофални, печката само се грее, производство нема, а ние сме принудени месецот да го преживееме со минимална плата“ – му пишуваат од синдикалната организација на „Еуроникел индустри“ на директорот Димитрис Пасос и бордот на ГСОЛ.
Во овој допис од синдикатот нагласуваат дека сеуште чекаат одговори и средба со раководството. Работниците се чувствувале излажани.
„Бараме да се обезбеди иднината на фабриката, да се обезбедат нашите работни места, како што ветувавте цело време. Ветувавте дека ГСОЛ има план и други инвеститори ќе дадат план и фабриката ќе работи . Каде се сега тие планови за работа и зошто не се остваруваат?“ прашуваат од синдикатот.
Од синдикалната организација информираат дека фабриката не работи, платата не е исплатена, немало најави за руда за почеток на производството, како би се решил статусот и иднината на вработените. И на крај од писменото обраќање, му пишуваат на директорот дека 800 вработени, 800 семејства чекаат да се исполни ветеното.
Додади коментар