Синдикалната организација на Еуроникел индустри се обрати со отворено писмо до заменик претседателот на владата, Фатмир Битиќи, директорката на УЈП Сања Лукаревска, градоначалникот Митко Јанчев и Комерцијална банка.
Почитувани,
Втор ден протестираме во знак на револт и бараме да се исплати августовското ДДВ за да земеме плата, да платиме сметки, кредити, да добиеме здравствено осигурување да може хронично болните да добијат терапија, да може тие што имаат операции, да добијат здраствена нега, да може трудниците да добијат породилно боледување, а вие сте и глуви и неми и слепи, додека ние стоиме на патот и молиме не за милост, ами за нашите заработени пари.
НЕ може ДДВ што е доспеано уште во месец октомври, сеуште да не е исплатено на крајот на месец ноември. А еве веќе и рокот за септемвриското ДДВ е поминат. Не може УЈП да седи врз нашите пари и да бара начини и да не задолжува со нови даноци, сè со цел да не ни ги исплати средствата што ни ги должат. Тоа е нечесно и нечовечно спрема 1000 работници, спрема 1000 семејства, спрема нашите деца кои треба да ги храниме, образуваме, да им обезбедиме здраствена заштита.
Почитуван заменик претседател Битиќи, почитувана директорке Лукаревска, дојдете на блокадите, погледнете не во очи, слушнете ги нашите маки, но најважно од се пуштете ги средствата за ДДВ, и ние како луѓе да можеме да однесеме леб дома. Тоа се наши пари. Милостина не бараме.
ВЕ МОЛИМЕ ЧАС ПОСКОРО пуштете ги средствата што ние чесно ги заработивме. Сите протестираат за поголеми плати, НИЕ ПРОТЕСТИРАМЕ ДА ЗЕМЕМЕ КАКВА-ТАКВА ПЛАТА И ДА ДОБИЕМЕ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ.
Продолжуваме со блокадите и во понеделник, на региналниот пат Градско-Прилеп кај с. Дреново, до целосно разрешување на нашето прашање.
НИЕ НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕМЕ!
Миле Ѓорѓиев
Престедател на СО на Еуроникел Индустри
Во име на сите вработени во Еуроникел Индустри, Нова Инжинеринг, Нова Рефрактори и Долина на Никелот
Додади коментар