Седница на кавадаречкиот совет: Запрена постапката за јавно приватно партнерство за изградба централа на „Лукар“
30-11-2017 РЕГИОН

 

Едногласно беа подржани предлозите за претседатели и членови на комисиите на советот на денешната трета по ред редовна седница на советот на општина Кавадарци.

 

Советот одлучи да ја стави вон сила одлуката за започнување на постапка за јавно приватно партнерство за изградба на петата мини хидро централа на водоводот Лукар што ја донесе претходниот состав на советот.

 

Новиот совет донесе нова одлука со која го задолжи ЈП Комуналец да ја изгради петата централа, а и да изврши реконструкција на постоечките четири мини хидроелектрани. Пред да се започне со реконструкција, Комуналец претходно е потребно да направ консултации со министерството за економија и регулаторната комисија за енергетика.

 

Одлуката за прекин на постапката за јавно приватно партнерство за изградба на петата централа беше предложена од градоначалникот Митко Јанчев. Дел од советниците во своите дискусии нагласија дека не е во ред општината да влегува во приватно партнерство за изградба на централата, бидејќи влогот на општината и на Комуналец е многу поголем од тој што ќе го имал приватниот партнер, а ќе имал поголем економски бенефит.

 

На денешната седница се донесе одлука за прифаќање на предлогот за воспоставување меѓуопштинска соработка, беа усвоени и измените и дополнувањата на програмата за развој на општината и за изработка на урбанистички планови.

 

            Едногласно беше усвоена и програмата за работа на зимската служба која ќе треба во текот на зимата да ги одржува локалните улици и патишта.

Со одлука се определи ширината на крајбрежниот појас на реките Луда Мара и Овчка Река кој што е опфатен со урбанистички план за с.Марена.

 

            Без дискусија советниците едногласно го усвоија извештајот за работењето на ЈП Комуналец во периодот од 1 јануари до 30 јуни годинава.

Беа именувани членови во управните одбори на Центарот за социјални работи, детската градинка „Рада Поцева и ЈП Комуналец.

 

Зелено светло доби и годишниот план за вработување во следната година во детската градинка. Директорката на оваа установа, Цанка Добринова појасни дека планот се однесува за вработување на технички и административен персонал. Таа на прашање од советниците нагласи дека потребни се и вработувања на негователки и воспитувачки.

 

Советниците едногласно дадоа согласност да се потпише договорот за грант од КФВ банката. За кои проекти ќе се искористи грантот од 2,5 милиони евра дополнително ќе се утврдува – беше речено во објаснувањето од директорот на ЈП Комуналец. 

 

Со 17 гласа „За“ и 1 против“ беше усвоена програма за заштита и благосостојба на животните во која е опфатен третманот на бездомните кучиња, односно на кучињата кои се затекнуваат на јавно прометни површини без присуство на нивни сопственици.

 

На денешната трета седница беше усвоена и програмата за организиран дочек на новата 2018 година во која е предвидено покрај забавата за новогодишната ноќ да бидат поделени новогодишни пакетчиња за најмладите, новогодишен прием кај градоначалникот и божиќен концерт на ОМБУ „Лазо Мицев Рале“.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар