Се полни ковид одделението во кавадаречката болница
21-10-2020 РЕГИОН

Продолжува да се шири корона вирусот и во Кавадарци. Информациите што ги добивме од Општа болница со проширена дејност Кавадарци говорат дека во ковид одделението до овој момент се хоспитализирани девет пациенти. Капацитетот на одделот е со 14 болнички кревети.


„Пациентите се со средно-тешка клиничка слика. Од синоќа сите се во општа добра состојба и не се повеќе кислородно зависни.  Нема недостиг на кадар и во една смена работат  четири сестри и еден доктор, а сите имаат  стекнато искуство со Ковид-19 позитивни пациенти, бидејќи поминаа време на клиниката во Скопје, каде што беа на испомош. “ ни рече во телефонски разговор директорот на болницата д-р Диме Коцев.

Доколку дојде до зголемување на бројот на пациенти, директорот на болницата вели дека имаат план Б, односно ќе би се пренаменил уште еден дел од болницата и би се обезбедиле дополнителни 14 болнички кревети. 

 

Лекарите апелираат до сите граѓани максимално одговорно да се однесуваат кон сопственото и здравјето на најблиските. Да се почитуваат превентивните мерки за носење заштитна маска и да се врши редовно миење на рацете или дезинфекција, а да се одржува и  растојание.

 

Според информациите од Институтот за јавно здравје, од почетокот на епидемијата заклучно со 18 октомври во Кавадарци се дијагностицирани 323 ковид позитивни, а во моментов активни се осумдесетина случаи. Починати се четири лица. Во Неготино до вчера се дијагностицирани 71 позитивен на корона, а активни се 30 случаи.

 

А.Д



Share

Додади коментар