Браната на езерото Младост е изградена во 1962 година во почетокот на клисурниот дел на коритото на река Отовица, на неколку стотина метри пред таа да се влее во река Вардар. Зафатнината на акумулациојата Младост е 8.000.000 м3 вода и нејзината основна намена е да служи за наводнување на околу 1.200 хектари лозови и овошни насади. Близината до Велес од само неколку километри ја прави акумулацијата Младост интересна и од спортско рекреативен аспект. Од март 2012 година на ЈПВ „Лисиче” – Велес му е издадена дозвола да стопанисува со акумулацијата ибраната со придружните објекти.
Бидејќи во последните 30 години не се водело доволно грижа за браната Младост дошло до тоа да не функционираат затворачите за темелно празнење на акумулацијата. Двата затворачи за темелно празнење беа во многу лоша состојба со голем број на поголеми и помали видливи прснатини на куќиштата од затворачите. Ваквите прснатини претставуваа голема опасност, бидејќи можеше да дојде до кршење на затворачите поради што би дошло до целосно празнење на акумулацијата, а тоа значи загрозување на флората и фауната во езерото. Со нефункционирањето на вентилите доведено беше и во прашање безбедното празнење на акумулацијата во случај на прилив на големи води, односно одржувањето на нивото на водата во случај на потенцијална природна или друга опасност.
За да функционира темелното празнење на акумулацијата, од страна на ЈПВ „Лисиче” беше обезбедена комплетна техничка документација за Општи и посебни технички услови за санација на затворачите за темелно празнење на акумулацијата Езеро Младост. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија обезбеди средства во висина од 3.100.000 денари за санација на старите затворачи како и за вградување на два нови. Со оваа промена акумулацијата е сигурен извор на вода за 250 хектари лозови насади и безбедно место за рекреација на бројните гости на овој туристички локалитет.
Додади коментар