Се конституира новиот кавадаречки совет - Ристо Сакалиев избран за претседател
13-11-2017 РЕГИОН

 

 

Се конституира новиот состав на советот на општина Кавадарци. Конститутивната седница ја отвори претседателката на претходниот состав на советот Горица Пеливнова-Вилхелм, а потоа со претседавање продолжи Мирјана Гркова како највозрасна меѓу советниците.

 

По изборот на верификациона комисија за чиј претседател беше избрана Василка Дрварова од СДСМ,  беа утврдени мандатите на новоизбраните советници, по што тие ја дадоа свечената изјава,  дека ќе работат во согласност со уставот и законите.

 

Д-р Виолета Димитрова од СДСМ е избрана за претседател на мандатната комисија.

 

За претседател на советот беа предложени Ристо Сакалиев од советничката група на СДСМ, а Горица Пеливанова-Вилхелм од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на советот се избираше со две гласања бидејќи по првото гласање Сакалиев и Пеливанова-Вилхелм имаа ист број на гласови, односно резултатот од гласањето беше 9:9.

 

Додека се подготвуваа советниците за второто гласање советничката Божанка Минова ја напушти седницата и резултатот од гласањето беше 9:8 во корист на Ристо Сакалиев.

 

Веднаш по изборот новиот претседател вети дека ќе работел чесно и одговорно во интерес на сите граѓани.

 

На изборот на Сакалиев за претседател на советот му честита градоначалникот Митко Јанчев кој посака успешна соработка со советот.

 

Наредната седница на кавадаречкиот совет ќе се одржи во среда.

А.Д

 

 

СНИМКА ОД СЕДНИЦАТА



Share

Додади коментар