Се испитува квалитетот на почвата во Кавадарци и присуството на тешки метали во неа. Станува збор за поголема активност која се спроведува во четири градови. Лидер на проектот е еколошкото друштво “Вила зора” од Велес, а партнерски организации се еколошките друштва “Еко живот” од Кавадарци, “Балкански мостови 4х4” од Скопје и “Еко герила” од Тетово. Претставникот на кавадаречките екологисти, Роберто Паризов појаснува за дека се земени мостри од градот Кавадарци и кавадаречките села Глишиќ, Возарци и Шивец.
-Се испитува присуство на тешки метали во почвата, но и во одредено растение, во неговите стебло, лист и плод. Проектот ќе трае три години. Секое од друштвата е задолжено за испитување на квалитетот на почвата и присуството на тешки метали на подрачјето во кое што делува, но и за испитување на присуството на тешки метали во растенија и плодови, вели претседателот на “Еко-живот”.
Истовремено, со проектот е предвидена и фиторемедијација на самата почва. Доколку се докаже присуство на поголема концентрација на тешки метали, одредени површини ќе се засадат со растенија кои имаат способност да ги апсорбираат тие тешки метали од самата почва.
С.Д

Додади коментар