Ангажираната фирма „Градба промет“ денеска започна со асфалтирањето на сообраќајно-комуналниот проект-Кружен тек кај ВВ „Тиквеш“. Општината овде гради современо сообраќајно решение за експресно одвивање на сообраќајот по Западен булевар.
Оперативата работи на поставувањето на порамнителниот (прв слој) асфалт, а според динамиката на работите асфалтирањето ќе се одвива во наредните пет дена.
Овој кружен тек се наоѓа на раскрсницата на Западен булевар со ул. “8ми Септември“, зафаќа површина од 3000м2, а согласно стандардите е со комплетна сообраќајна и комунална инфраструктура на целосно ново јавно улично осветлување и хорти културно уредување.
Општина Кавадарци инвестира 17,5 милиони денари, пари од буџетот за комунална изградба.
Општината апелира до сите учесници во сообраќајот за време на асфалтирањето на кружниот тек да се придржуваат кон времениот режим на сообраќај и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Активностите за реконструкција на ул. „7ми Септември“ се одвиваат непречено. Денеска ангажираната оператива работеше на проширувањето на дел од коловозната лента на кружниот тек на мостот кај Јаворот.
Се прошируваше спојот меѓу улиците „7ми Септември“ и ул.„Цано Поп-Ристов“, односно локацијата каде неодамна општината во еколошка акција пренесе две зимзелени дрва и ги засади во тревникот над кејот.
Со ова проширување ќе се обезбеди подобра прегледност, поголем проток и зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Оперативата на ангажираната фирма „Коп инжинеринг“ деновиве работи на поплочување на дел од улицата „Владимир Назор“. Општина Кавадарци го реализира овој проект на барање на жителите.
Проектот на општината опфаќа изградба на потпорен ѕид, поставување рабници за формирање на пристапен дел од улицата, како и изградба на решетка за зафаќање на атмосферските води.
Со реализацијата на овој комунален проект жителите на овој дел од населбата „Голи оток“ ќе добијат стабилизирано земјиште, нов урбанизиран пристап, а пред се заштита од евентуални поплави, кои во минатото им нанесувале сериозни оштетувања и проблеми.
Општина Кавадарци преку ангажираната фирма „Патио монт“ од Кавадарци реализира проект од комуналната инфраструктура во село Брушани.
Се работи на улица во должина од 160 метри веднаш до новата селска црква. Проектот опфаќа: трасирање и порамнување на улицата, тампонирање, поставување на рабници и поплочување со павер елементи. Бехатон плочките ќе се редат на површина од 400 метри квадратни.
Со овој проект општината го подобрува стандардот на живеење во ова село кое прераснува во туристичка населба на брегот на Тиквешкото езеро.
Додади коментар