Општинската организација на СДСМ Кавадарци на прес конференција обвини дека кавадарчани ќе плаќале најскап паркинг во земјава и дека проектот за зонско паркирање ќе се истражувал по промена на власта.
Интегрален текст од прес конференцијата
Воведувањето на зонско паркирање во Кавадарци е уште еден криминален проект на ВМРО-ДПМНЕ, на штета на граѓаните. Ние како СДСМ не сме против воведувањето на ред во однос на паркирањето во Кавадарци, но сме против моделот што го избра градоначалникот Александар Панов, а тоа е јавно приватно партнерство.
Ваквиот модел значи многу високи цени за граѓаните. Со одлука на мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ во советот, Кавадарци ќе има еден од најскапите паркинзи во Македонија.
За 3 часа паркирање во центарот на градот, во прва зона ќе треба граѓаните да платат 80 денари. Понатаму, наместо да се наплаќа до 21 или 22 часот, како што е пракса во другите општини во земјава, граѓаните во Кавадарци ќе плаќаат паркинг до 24 часот.
Станарите од колективните стамбени згради ќе плаќаат по 300 ден. Месечно или 500 ден. за две возила што навистина е премногу.
Дуќанџиите за резервирано паркинг место ќе треба даплатат, ни помалку - ни повеќе, туку 45.000 денари вои прва зона, 30.000 денари во втора зона и 20.000 денари во трета зона.
Ова ќе биде невиден арач за граѓаните и дуќанџиите во Кавадарци.
Градоначалникот Панов, на последната седница предложи, концесионерот кој што ќе стопанисува со паркинзите, наместо 15% да плаќа 12% комунална такса од вкупниот приход, што значи, помалку пари за општината, повеќе за концесионерот.
И сега се поставува прашањето, во чиј интерес работи градоначалникот Александар Панов?
Дали работи во интерес на граѓаните и општината или во интерес на некој поединец?
Поради сите овие причини, се сомневаме дека ова ќе биде еден од најкриминалните и најкоруптивните проекти на овој градоначалник кој ќе биде предмет на темелно истражување по демократската промена на власта.
Почитувани граѓани, промените доаѓаат. Промените ќе дојдат и во Кавадарци. По заминувањето на овој градоначалник, јавно ветуваме дека ќе ја поништиме и укинеме оваа штетна одлука за граѓаните.

Додади коментар