По повод 69 годишнината од ослободувањето на Кавадарци вечерва советот на општината одржа свечена седница на која беа доделени наградите „7 ми септември“.
Седницата ја отвори претседателот на советот, м-р Горица Пеливанова Вилхелм, а за историјата, растежот и развојот на Кавадарци говореше градоначалникот Александар Панов. Се заблагодари на сите предци кои ги положија своите животи во темелите на денешната слобода.
“Треба да бидеме добри домаќини и единствени. Единството и е потребно на Македонија. Само така ќе одиме напред и ќе стигниме до целта, перспективно Кавадарци и перспективна Македонија“ рече меѓу другото Панов.
Тој упати порака до советниците во кавадаречкиот совет, да биле на висина на задачата која ја добиле од гласачите за просперитетно Кавадарци.
Панов ја додели највисоката општинска награда „7 ми септември“.Годинешни добитници се Ѓорги Шемов средношколец од Кавадарци, поради освоени високи награди во истражувачка дејност на светската олимпијада во Америка, академскиот сликар Владимир Темков кој во изминатите триесет години ликовна дејност создаде многубројни дела, организираше изложби и ја промовираше општината дома и во странство и Музеј Галеријата за особени постигнувања во областа на културата и заштитата на културното наследство.
Во име на наградените се заблагодари директорот на Музеј Галерија Кавадарци, Петре Камчевки. Тој рече дека ќе ја оправдаат искажаната доверба.
Свечената седница имаше и културно забавен дел во кој настапија Ана Арангелова-пијано, Лазар Соколов-кларинет. Настап имаа и баритонот Ристе Велков, тенорот Марјан Николовски од Македонскатаопера и балет во пијано придружба на Јанинка Невчева.
Ангел Данов
Додади коментар