Во преполнетата сала на 3Д киното во Кавадарци синоќа се одржа свечена академија по повод 100 годишнината од раѓањето на Димката Ангелов Габерот. Настанот беше организиран од градоначалникот и советот на општината и музеј галеријата.
За животот и делото на Габерот говореше директорот на Музеј Галерија, Петре Камечевски. Тој нагласи дека револуционерот, борец и учител Димката Габерот е една од најзначајните личности од поновата историја на тиквешкиот крај.
„Неговото име е толку длабоко врежанао во паметењето и свеста на луѓето од овој крај, што навистина тој прерасна во легендарна личност, нагласи Камчевски.
Димката Ангелов Габерот е роден во виорот на Првата светска војна во Ваташа на 17 октомври 1916 година како второ дете на Ленка и Ташо Ангелови. Основно образование завршил во родното место со одличен успех,па се запишува во први клас нижа гимназија во Кавадарци . Овде го завршил само трети клас бидејќи со Законот за заштита на државата биле затворени поголем број гимназии во Македонија,меѓу кои се наоѓала и гимназијата во Кавадарци. Четврти клас и мала матура завршува во Прилеп. Во октомври 1930 година со само 14 години заминува во Белград,каде се запишал на престижната учителска школа. Се стекнал со диплома на учител во Неготин Краина каде што ја завршил Учителската школа и положил голема матура.
Неговиот прв јавен испад се случува на плоштадот во Кавадарци во 1936 година каде пред народот ја напаѓа експлоататорската политика на владата на Милан Стојадиновиќ пред министерот за социјална политика и народно здравје Драгиша Цветковиќ. Бидејќи бил противник на владата, Димката долго време останува без работа.
Во пролетта 1937 година е обвинет дека е комунист и шири комунистички идеи,па затоа е уапсен заедно со поголема група напредни луѓе и одлежува три месеци затвор во Велес.
Димката добива работа како учител во село Дабниште во септември 1937. Тоа траело кратко бидејќи во март 1938 година заминува во Винковци на отслужување на воениот рок. Во војската секогаш ги заштитува послабите и угнетувани војници,па затоа бил почитуван од своите другари.
Како учител бил почитуван и омилен кај учениците,нивните родители и жителите од селото. Се дружел со своите колеги учители од соседните села и секогаш имал време да разговара со селаните од Радња за многуте прашања што ги интересирале. Со младинците од селата Бохула,Чемерско и Радња организира и раководи курсеви за ракување со оружје.
Поради неговиот бурен темперамент во средината на јануари 1941 година,непосредно пред разгорувањето на Втората светска војна е интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица,заедно со поголема група младинци од Кавадарци.Тука се стекнал со големо револуционерно искуство.
Во април 1943 година Димката Ангелов е избран за политички комесар на Штабот на Третата оперативна зона,кој во исто време беше и штаб на партизанскиот одред "Добри Даскалов".
Како борец Димката се одликува со неизмерна храброст и решителност,а кога било најпотребно знаел да ги мотивира послабите. Димката до крај остана доследен на своите убедувања да не потклекне пред тешкотиите. Ја прифаќа борбата иако е тешко ранет од првиот плотун на непријателските куршуми. Загина на 10.06.1943 година заедно со Ило Виларов,Пано Мударов и Стојан Крстев.
По загинувањето на Димката Ангелов Габерот останаа многу дилеми, меѓу кои секако онаа која и ден денес ја разбранува јавноста во целиот Тиквешки крај: “Зошто Димката Ангелов Габерот не беше прогласен за Народен херој“. Исто така Тиквешијата и Македонија и по 73 години од неговата смрт, не се знае вистината кој го предал додека закрепнувал во пештерата во близина на селото Галиште. Габерот за да не падне жив во рацете на непријателските сили сам си пукал во глава.
“Сите слободољубиви луѓе и сите кои ја сакаат слободата знаат дека она што го направи Габерот е дело за восхит и почит, кое ќе остане да се помне и почитува од сите сегашни и идни генерации, бидејќи на светот нема ништо посвето од слободата на својата татковина и слободата на својот народ“, подвлече Камчевски.
Во рамки на свечената академија беше изведена и културно уметничка програма. Кратка театарска програма имаа актери при домот на културата „Иван Мазов Климе“, печката група „Лоза“ и Ангел Тотов при здружението на пензионери од Кавадарци, трио Ад Либитум и хорот при ООУ „Димката Ангелов Габерот“Ваташа.
Ангел Данов

Додади коментар