Годинава, заклучно до 30 ноември регистрирани се вкупно 42 нови лица со потврдена ХИВ/СИДА-инфекција. Меѓу нив две лица се од Кавадарци и едно од Демир Капија- покажуваат податоците од ИЈЗ.
Денеска се одбележува светскиот ден за борба против ова болест, а според сознанијата на СЗО, ХИВ останува главен проблем на јавното здравје кој погодува повеќе од 2 милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО.
Иако е постигнат значителен напредок во изминатите неколку децении, важните цели поставени за 2020 година не беа исполнети.
Поделеноста, нееднаквоста и непочитувањето на човековите права, се меѓу неуспесите што дозволија ХИВ да стане глобална здравствена криза и закана и да остане таква.
Сега, КОВИД-19 ги влошува нееднаквостите и нарушувањата на услугите, што ги прави животите на многу луѓе кои живеат со ХИВ попредизвикувачки.
Темата на Светскиот ден за борба против СИДА за 2021 година е „Крај на нееднаквостите, крај на СИДА-та“, ставајќи посебен фокус на контактите на луѓето кои се оставени.
Според податоците од ИЈЗ најмногу ново инфицирани во земјава се во возрасната група од 35 до 39 години – 13 лица. Потоа следува возрасната група од 25-29 години со 11 случаи, седум има од 30-34 години, по три случаи во возрасните групи од 40-44 и 45-49 години, а два случаи од 50-54 години. Најголем дел од нив, 17 се од Скопје, четворица од Битола, тројца од Велес и Прилеп.
Од ново дијагностицираните годинава, 36 случаи се ХИВ, а 6 СИДА.
Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 37 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи што имаат секс со мажи, а 5 лица се изјасниле како хетеросексуалци. Четири лица починале во 2021 година.
Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите.
На сите пациенти им се нуди стручна психосоцијална поддршка во врска со започнувањето на антиретровирусната терапија со цел да се осигури правилно и редовно земање на лековите и да се избегнат евентуални несакани ефекти.
А.Д
Додади коментар