Саем за вработување во Кавадарци
30-05-2017 РЕГИОН

 

Невработените лица од Кавадарци и околината денеска имаа можност да се претстават пред работодавачите, да закажат интервју за работа, да остават работна биографија и мотивационо писмо. Исто така на располагање им беше можноста да се запознаат со условите што ги нудат работодавачите, како и можностите за обука и практиканство и да добијат информации за побаруваните занимања на пазарот на трудот. Работодавачите пак имаа можност да остварат контакти со голем број работници.

Во организација на Агенцијата за вработување во спортската сала „Јасмин“ се одржа саем за вработување на кој се преставија повеќе компании кои функционираат во овој регион.

 

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски изјави дека ваквите саемски манифестации давале добри резултати, бидејќи досега преку нив биле вработени над 2500 лица во земјава.

 

„Согласно информациите од работодавачите, претходните два саемски циклуси примени се над 21.000 сиви-а кај работодавачите, а воедно според последните информации од крајот на 2015 и почетокот на 2016 над 2500 лица се вработиле директно преку саемите“ рече Поповски.

 

Во рамки на саемот се одржа форум со работодавачи и инфо средби со млади.

 

„Целта на саемот не е само доставување на сиви, односно доближување до работодавачите на оние што вистински бараат работа, туку,  сите оние млади лица кои допрва треба да изберат образование да видат што се бара на пазарот на трудот, да изберат соодветно образование, односно нема да бидат невработени по завршување на образованието. Ние соработуваме со работодавачите на подигнување на нивото на соработка со образовните институции, така да овие лица кои што ќе изберат такво образование да имаат и квалитетна пракса и на крај да имаме веќе спремни работници да влезат во првото ниво на вработување во таа компанија и да бидат квалитетни работници. Се трудиме да ги доближиме компаниите до невработените бидејќи не секогаш невработените имаат информација каде да се вработат и какво работно место се бара. Иако постојат многу портали каде се споделуваат слободните работни места, многу лица не ги користат тие електронски информации и едноставно бараат на класичен начин контакт со работодавачите, токму саемот е таква можност. На крајот на саемската манифестација ние се обврзуваме да ги објавиме сите информации од компаниите кои профили се бараат за работа“ нагласи директорот на Агенцијата за вработување.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар