Низ улиците и патиштата во земјава заклучно со 15 јуни годинава животот го загубле 36 лица информираат од РСБСП и алармираат дека стоте најкритични црни денови кога е во прашање безбедноста во сообраќајот допрва доаѓаат.
„искуството и статистиката покажуваат дека пред нас се стоте најкритични и најцрни денови кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. Во 2016 година, во месец јуни, 11 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, во јули 26, во август 19, во септември 9. Оваа година, во месец јуни, неофицијално, осум лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Секоја година, во периодот јуни - август , двојно се зголемува бројот на загинати - велат од РСБСП.
Напоменуваат дека управувањето моторно возило под дејство на алкохол и психотропни супстанции е многу посилно изразена појава во летниот период во споредба со остатокот од годината. - Голем број прослави, забави, веселби до раните утрински часови и изобилство алкохол. И сето тоа може да биде прифатливо, но никако не може да биде прифатливо управување моторно возило под дејство на алкохол - тоа носи смрт, загубени човечки животи и тажни семејни судбини. Затоа, уште еднаш потсетуваме, алкохол и волан е најлоша комбинација - истакнуваат од РСБСП. Потоа, потсетуваат дека високите летни температури влијаат на способноста на возење, на техничката исправност на возилото и на сопирачкиот пат на возилото.
Советуваат да се одржува безбедно растонијание, да се проверува техничката исправност на возилото и да не патува во периодот од денот кога температурите се највисоки. - Појасот и кацигата значително влијаат на тоа какви ќе бидат последиците во сообраќајните незгоди. Не користење сигурносен појас и не носење кацига е рефлексија на недостаток на свест и одговорност на возачите и на патниците кон ризикот и опасностите во сообраќајот. По секоја сообраќајна незгода со фатални последици се бараат виновници. Вината е на повеќе страни, но најсилно изразена е кај факторот човек – учесниците во сообраќајот - стои во соопштението на РСБСП.
Оттаму апелираат дека стоте најцрни денови во сообраќајот допрва доаѓаат. - Бидете внимателни и одговорни и чувајте го сопствениот живот и животот и здравјето на другите учесници во сообраќајот. Во сообраќајот нема простор, време и место за опуштање. Опасностите кои ги демнат сите учесници во сообраќајот во летниот период се сериозни. Време е да се освестат сите учесници во сообраќајот и сите заедно, со свест, разум и одговорност - да го направиме ова лето безбедно за патување - велат од Репбуличкиот совет. Истакнуваат дека безбедноста во сообраќајот зависи од сите учесници во сообраќајот, од секој пешак, велосипедист, мотоциклист, и возач на моторно возило.

Додади коментар