Реконструирани нови 5,4 километри од патот кон село Крњево
18-08-2014 РЕГИОН

Селата од Поткожувјето или од Бошавијата се идеално место за одмор и рекреација. Во изминативе неколку години голем број граѓани чии родни огништа се таму решија да ги реновираат своите куќи, а некои изградија и модерни викендички. Велат дека најубаво се чувствуваат таму каде што им се корените.

 

Во изминатиот период се изврши реконструкција на патот Кавадарци-Мушов гроб како главна сообраќајница која води до овие села. Потоа се продолжи со реконструкција и ревитализација на локалниот патен правец Кавадарци-Ладно Долче-Страгово –Крњево. Сега многу полесно се стигнува до овие тиквешки села.

 

Вкупната должина на трасата изнесува 8, 7 километри, од кои деновиве завршува реконструкцијата на 5,4. Минатата година беше асфалтиран еден километар од спојот со регионалниот пат Кавадарци-Мушов Гроб. Остануваат неасфалтирани уште 2,4 км до село Крњево.

„Добро протекуваат сите градежни работи на патот Ладно Долче- Страгово- Крњево. Очекувам за неполн месец работите на овој пат да финишират. Остануваат неасфалтирани уште два километри , бидејќи имавме толку средтва. Меѓутоа локалната самоуправа  има уште еден проект со кој што ке аплицираме не само за овие 2 км,  туку и за проиширување на делницата од Крњево до Бохула. Со тоа фактички би го завршиле главниот крвоток на поранешната општина Конопиште. Ќе се насочиме кон она што беше мој предизвик, асфалтирање и реконструкција на патот од Крњево до Бохула и изнаоѓање на средства за доасфалтирање на Горна односно Долна Бошава до селото Конопшиште“ реќе градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов..

 

Согласно проектот постојниот патен правец се прошири на 5 метри со поставување на нова подлога, банкини и квалитетен слој на асфалт.

Реконструкцијата се врши на барање на општина Кавадарци, која за таа цел имаше изготвена проектна документација. Финансиските средства ги обезбеди Владата преку Европската Инвестициона Банка, а во рамки на програмата за ревитализација на локалните патишта.

Ангел Данов



Share

Додади коментар