Регионалните и локални медиуми од денеска започнуваат со предупредувачки штрајк
26-04-2022 РЕГИОН

Регионалните и локални медиуми долг период се соочуваат со големи проблеми во своето работење. Ковид кризата и економската криза уште повеќе ги продлабочија проблемите и го доведоа  во прашање опстанокот на овие медиуми,  кои имаат голема улога во локалното информирање.

 

Здружението на електронски медиуми „Медиум објектив“ минатата недела достави писмено известување дека започнува штрајк,  до претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Ковачевски, претседателот на собранието Талат Џафери, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, до други министерства и до директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За штрајкот информирани се и координаторите на сите пратенички групи во македонскиот парламент.

 

„Веќе подолг период нашите барања остануваат игнорирани, а економската и егзистенционалната ситуација на нашите членови е загрозена. Баравме до 25 април годинава да биде прифатено барањето упатено до владата за ослободување на 50% од плаќањето на надоместок за дозволата за  работа за 2022 година која ја плаќаат радиодифузерите  кон регулаторното тело. Регулаторот веќе обезбеди 50%, а за остатокот се чека на одговор од владата“ стои меѓу другото во писмото упатено до надлежните институции.

 

Нашето изразување на протест ќе биде преку два стадиуми, од кои првиот со гаснење на програмата со траење од 30 минути во прајм тајм термините секој ден, а доколку не постигнеме никаков договор, или  нашето барање остане игнорирано после 15 дена од започнатиот штрајк преминуваме во вториот стадиум, што опфаќа гасење на програмата со траење од 1 час секој ден и престанување со следење на сите активности на челниците на локалната самоуправа и јавните претпријатија во информативните блокови и повлекување на новинарските екипи од прес конференциите.

 

Ваквиот револт произлегува од долгиот период на игнорирање на регионалните и локалните медиуми , кои несомнено се еден од столбовите на плурализмот во земјата.

 

 Во последните шест години разговаравме за промена на законот за медиуми, особено во делот на казнените одредби, каде локално радио и национална телевизија за истиот прекршок, се казнуваат еднакво. Одговор на ова барање не добивме, како што не добивме одговор и на барањето за формирање на фонд за медиуми и менување на членот 102 од законот за АВМУ, кој најмногу ги погоди помалите радиодифузери.

 

Се бележи одлив на финансии од државата по основ на рекламирање на странски сателитски медиуми, социјални медиуми и портали, а континуирано се затвораат локални и регионални медиуми во Македонија, а се намалува и бројот на вработени, бидејќи тешко се обезбедуваат пари за плати и придонеси.

 

Во име на сите локални и регионални медиуми

Здружение „Медиум објектив“



Share

Додади коментар