Граѓани и екологисти реагираат за несоодветно кастрење на дрвцата помеѓу двете ленти на автопатот од Неготино до Стоби.
-Сметаме дека не е плански сечено, да се имало повеќе памет, па ќе се размислело. Мислиме дека некои од дрвата воопшто нема да потераат, затоа што се оставени само осакатени стебла. Секаде во свет се кастрат дрва за да не го отежнуваат сообраќајот, кај нас, според нас, дрвата се масакрирани. Жално, рекоа граѓани. Реагираа и од еколошкото друштво “Еко-живот” од Кавадарци, како регионален еколошки центар.
-Ова е кастрење, само пренагласено. Ги имаат кастрено дрвцата за да нема навлегување на гранките во автопатот, но тоа не е направено најстручно и планско , туку паушално. Сето тоа е направено многу грубо, без запазување на естетика на дрворедот. Ние реагираме на секоја несовесна сеча на дрвца независно дали тие се во град, шума, парк или автопат, рече Роберто Паризов, претседател на друштвото.
Од Јавното претпријатие за државни патишта одговорија дека на тој потег морало да се интервенира со кастрење на гранките од дрвцата кои навлегувале во автопатските ленти и правеле проблеми на возачите, ја намалувале видливоста и ја загрозувале безбедноста во сообраќајот. Тоа им е и законска обврска.
-Кастрење мораше да има, за да нема сообраќајки и човечки жртви. Како претпријатие во иднина ќе настојуваме да се применува друг систем за кастрење, кој освен на безбедносниот, ќе обрне внимание и на визуелниот ефект, децидни беа од претпријатието за државни патишта во Македонија.
С.Д
Додади коментар