Никој не е поштеден од наглите промени на времето. Со здравствени проблеми не се соочуваат само хронично болните, туку честата промена на времето негативно се одразува и врз здравјето на здравите луѓе.
Зголемен е бројот на колапси, мозочни и срцеви удари потврдуваат од итната медицинска помош во Кавадарци.
„ Наглите промени на температурите, промената на надворешниот притисок и влажноста најмногу ги чувствуваат хронично болните, кои имаат проблеми поврзани со срцето и крвните садови, потоа оние со хронична опструктивна болест (ХОБ) и астма, а потоа оние со мозочни удари“ велат лекарите .
Од тегобите може да се појават болка во градите и главата. Хронично болните можат во овие денови да бидат изморени и безволни, деконцентрирани, а лицата со понизок притисок веројатно ќе се чувствуваат сонливо и забавено. Оние што имаат проблеми со коскено-зглобниот систем можат да почувствуваат болки и грчеви во мускулите.
„Бројот на повици на 194 во изминативе денови е зголемен за 50 отсто. Пациентите најчесто се жалат на варијации на крвниот притисок. Се соочуваат со хипертензивни кризи и колапси, а поради тоа зачестени се мозочните удари и инфарктите. Во овој период имаме зачестени интервенции и при сообраќајни незгоди и повреди при изведување на работи во поле“ информира началникот на Брза помош Кавадарци, д-р Антоан Паракеов.
Тој нагласува дека во овој период активен е и цревен вирус кој создава дополнителни проблеми покрај проблемите од променливото време. Апелира пред консумирање задолжително да се мие овошјето и зеленчукот, но и пред јадење задолжително да се мијат рацете.
Хронично болните, нагласува д-р Паракеов, редовно да ја земаат препишаната терапија, а сите кои ќе почувствуваат невообичаени тегоби да побараат лекарска помош.
А.Д

Додади коментар