Продолжен е рокот за предлагање ново име за плоштадот во Кавадарци
10-09-2016 РЕГИОН

Кон крајот на јули годинава општина Кавадарци објави јавен повик за предлози од граѓаните за ново име на градскиот плоштад. Како што беше наведено во јавниот повик, согласно Изборната програма, а во духот на демократските принципи, градоначалникот Александар Панов, ја покренува постапката  за прибирање на предлози од граѓаните за ново име на градскиот плоштад. Јавниот повик беше отворен до 26 август.

 

 До општината пристигнале неколку предлози, но градоначалникот Панов, во емисијата ТВ објектив на КТВ на 31 август годинава рече дека рокот е продолжен и негово мислење е дека името на плоштадот треба да биде подржано од мнозинството граѓани.

 

„  Има неколку предлози. Јас апелирам јавниот повик и понатаму да продолжи и луѓето навистина да размислат за она што ќе биде белег на овој град. Јас ја дадов мојата иницијатива пред некое време и си слушнав секакви муабети, дека тоа не одговара и сакав да бидам разубеден во тоа што е мое размислување. Сакајќи да направам еден континуитет на борбата за слобода на кавадарчани, независно дали сме живееле под македонска власт , римска, турска, бугарска, српска чизма, сепак еден континуитет овој народ кој живеел на овој простор имал во тоа да си биде свое на своето и да си биде слободен народ. И од таму мислев  дека е добро со споменикот од време на  втора светска војна направиме еден континуитет од антиката до НОБ,  кој што е со ретки исклучоци еден континуитет на континуирана борба за слобода и со тоа сакав да направиме едно одбележување,  дека овој народ кој што живее во Кавадарци целиот својот живот,  до втората светска војна се борел за слобода. Не сакав никакви идеолошки предрасуди или печати да ставаме на градскиот плоштад. Не ми беше целта да го преименуваме плоштадот затоа што имаме политичка сила и волја, а по 10-20 години да се најде некој кој би преминел иста таква сила да го смени името на плоштадот. Ја знам дека и да го крстиме „златен плоштад“, ќе има опозиција и за тоа име. Целта ми е да барем 90% од граѓаните се согласат со тоа што е наша иницијатива, а тоа што ќе биде иницијатива на граѓаните ќе биде и моја иницијатива, ја сум спремен да ретерирам во  моите ставови доколку тоа се ставови  на мнозинството граѓани. И од таму сакам овој плоштад а носи име кое нема да има идеолошка позадина и да има  име за наредните  100-200-500 години“ вели Панов.

 

Општината остава доволно простор  граѓаните да размислуваат и да го даваат своето мислење, а потоа пристигнатите предлози кои имаат најголема подршка повторно ќе бидат ставени на анкета да се произнесат граѓаните.

 

„Ако некогаш се викал `пладниште`, `Маршал Tито`, ако некогаш тука во непосредна близна била црквата Св. Петка, на овој плоштад се случувале обзнанувања на многу востанија, мислам декатреба  овој плоштад во иднина да го одбележува автономниот карактер и посебниот карактер на Кавадарци и кавадарчани и тоа име да биде консензус на сите граѓани без разлика на вера, политичка припадност, националност, мислам дека треба да биде име кое го одразува Кавдарци... може да биде и Дукена, јас размислував, затоа што Раштани и Дукена биле населбните кои биле срушени во средниот век  за да се издигне Кавадарци“ вели Панов.

Кавадаречката јавност во однос на ново име на градскиот плоштад беше разбранувана минатата година, кога во оптек беше името Филип петти. Граѓаните сметаа дека тоа не било соодветно име за кавадаречкиот плоштад. Се предлагаа најразлични имиња, „Плоштад на слободата“, „плоштад на грозјето и винот“, „Никола Бадев“ и други имиња кои се симболика на Кавадарци. Повторно граѓаните се на потег.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар