По барање на лозарите стопирана е продажбата на винарската визба “Винеа” од селото Паликура општина Росоман, соопшти денес Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот сојуз на лозари, “Агротиквешија” од Кавадарци.
“Продажбата на винаријата беше закажана за во текот на вчерашниот ден во просториите на извршител во Кавадарци. Продажбата беше по барање на реномирана македонска банка која исто како и нас побарува пари од винарницата. Одложувањето пак на продавањето на капацитетот е на наше барање. Имено ние кога дознавме за оваа страшна вест како лозари поради страв дека со продажбата нема да си ги наплатиме нашите побарувања оти нема да останат пари за нас, побаравме помош од надлежните државни органи. Тие ние излегоа во пресрет, го сватија нашиот проблем и засега е стопирана продажбата на винарската визба“, објасни Аризанов.
Тој кажа дека винаријата до пред некое време им должела на лозарите околу 610 илјади евра, а сега има долг кон нив од околу 420 илјади евра затоа што во изминатиот период дел од обврските ги исплатила.
Светлана Дарудова

Додади коментар