При крај е најмачниот и најтешкиот гроздобер
26-10-2016 РЕГИОН

Неизвесност и нервоза – тоа се главните карактеристики на годинашниот гроздобер во Тиквешијата и во Македонија. Визбите беа слабо заинтересирани за откуп на винското грозје, па поради тоа, според кажувањето на лозарите,  значителни количини останаа на лозјата.

 

 

„Дел од родот пропадна, дел им дадовме на откупувачите, а има уште еден мал дел за берба“ велат лозаропроизводителите.

 

Дека сеуште има мала количина на винско грозје за берба потврдува и лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов. Според него, грубите пресметки покажувале дека за берба има останато околу 5 милиони килограми грозје и тоа најмногу „смедеревка“, а мал дел „станушина“.

 

„Годинава поради невкусните игри на винарите изгубија лозарите. Проблематичниот откуп и врнежите од дожд среде берба се главна причина грозјето да загуби од својот квалитет и тежина, но да пропаднат и значителни количини“ вели Аризанов.

 

Се почесто лозарите кажуваат дека ќе ги остават, а некои и ќе ги ископачат лозјата, бидејќи со години маката на лозарите не ја ценат откупувачите на грозје, државата е незаинтересирана да изготви стратегија за земјоделство, каде производителите на земјоделски производители однапред ќе знаат за кого произведуваат и по која цена.

 

Познавачите велат дека мора државата да интервенира и да запре хаосот и рашомонијадата која владее во лозаро-винарскиот сектор.

 

„Долгорочното решение на проблемот со откупот и воопшто во лозарството е само во создавање услови со кои ќе се зголеми конкурентноста на производот преку поефтини репроматеријали и навремена исплата на субвенциите, а винариите ќе го плаќаат грозјето во законски утврдениот рок“ вели Ленче Николовска, поранешен претседател на собранитската комисија за земјоделство и добар познавач на состојбите во аграрот.

 

Таа нагласува дека годинава државата не направила ништо за да им помогне и да ги заштити лозаропроизводителите. Според неа и во иднина ќе продолжи намалувањето на површините под винова лоза.

 

„Пред десет години лозовите површини  беа 24 000 хектари а сега има 5000 ха помалку и тоа при  субвенции од страна на државата?! Најсилна потврда дека нешто не е како што треба.“ вели Николовска.

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар