Претседателските избори ќе се одржат на 13 април. Ова денеска го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски по потпишувањето на Решението за распишување избор на претседател на Република Македонија.
Имајќи предвид, посочи Вељаноски, дека на 20 април е големиот христијански празник Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот, ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година.
- Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија како орган за спроведување на изборите, како и до министерствата за надворешни работи и за правда, рече Вељаноски.
Уставната одредба, посочи, предвидува дека изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.
Изрази задоволство од донесувањето на измените на Изборниот законик, усогласени и од власта и од опозицијата.
- Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се прифатени и од едните и од другите, при што очекувам да се почитуваат, да покажеме демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат. Апелирам до сите учесници најодговорно и најсовесно да се раководат исклучиво по уставните и законските одредби, и уште еднаш на најдостоинствен начин да покажеме дека наша заедничка примарна цел е просперитетот на нашата држава, Република Македонија, потенцира Вељаноски.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека како претседател на Собранието може да распише парламентарни избори доколку Собранието како институција донесе одлука за самораспуштање.

Додади коментар