Претседателот Иванов закрои во Демир Капија
14-02-2014 РЕГИОН

Претседателот на Република Македонија,  Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на православниот празник Свети Трифун, денеска присуствуваше на традиционалното закројување на винова лоза во општина Демир Капија.

 По церемонијалниот чин на закројување на виновата лоза, претседателот Иванов на лозарите и винарите им го честита празникот, посакувајќи им богат род и уште поголемо производство на квалитетно македонско вино. 

 „Симболично закројувајќи ги лозјата на овој ден, им посакуваме на лозарите да имаат многу богат род и многу бериќет. А од тој бериќет винарите да направат голем квалитет. Да имаме уште поквалитетно вино,  кое ќе го наоѓаме се почесто и на домашните и на странските трпези. Грозјето и виното на некој начин се заштитен знак на нашата земја и по нив сме препознатливи“, порача претседателот Иванов.

 И градоначалникот на општина Демир Капија,  Трајче Димитриев, на присутните на манифестацијата им  го честиташе празникот Св. Трифун, порачувајќи дека лозарството и винарството како традиционални дејности во Демир Капија имаат голем економски потенцијал.

 „Овој празник е одлика на една голема традиција и ми претставува чест и задоволство што ја продолжуваме таа традиција. Закројувањето на лозјето ги означува нашите залагања за еден богат род,  кој ќе биде преточен во квалитетно вино“, рече Димитриев.

 На свеченоста во центарот на Демир Капија беа доделени наградите од организираните натпревари за најдобро произведено вино и ракија во домашни услови, како и натпреварите во кроење лозови прачки и подготовка на традиционални јадења.

 Во согласност со македонските традиции, претседателот Иванов секоја година, традиционално  присуствува на свеченото одбележување на Денот на лозарите и големиот христијански празник – Св. Трифун. 



Share

Додади коментар