Препораки од полицијата за заштита од кражби во вашиот дом
13-07-2016 РЕГИОН

Одделението за превенција при кавадаречката полициска станица денеска реализира акција за едукација на граѓаните, како да го заштитат  својот дом и својот имот во време кога се на годишен одмор или се подолго отсутни од дома. На граѓаните им беа поделени флаери со едукативни пораки, како да го остават домот безбеден кога се отустни од него.

Полицијата советува, пред да заминете од дома, проверете  дали сте ги затвориле добро сите прозорци и врати од балконите, заклучете ја влезната врата два пати и повторно проверете дали сте го направиле тоа.

За да ги отргнете арамиите од вашиот дом, доколку излегувате на кратко, оставете дома запалено светло, вклучено радио или телевизор.

 

За заштита на вашиот имот, понатаму полицијата советува, доколку заминувате од дома на подолго време или на годишен одмор, не оставајте дома златен накит или кеш пари, изнајмете сеф во некоја банка или штедилница. Ако заминувате на свадба или друга веселба, оставете дома некое постаро лице или сосед да внимава на вашиот дом.

Исто така од полицијата апелираат доколку на излегување од домот од влезот на зградата или улицата, забележете сомнителни лица и возила веднаш повикајте полиција на бесплатниот телефонски број 192.

 

Ако живеете во куќа, инсталирајте надворешно светло на сензор кое се пали на секое движење во дворот. Инсталирајте светла кои автоматски се вклучуваат во одредено време, навечер, во даден временски интервал.

 Посебна препорака до граѓаните  од полицијата, на социјалните мрежи да не се означуваат и да не откриваат дека се во странство, да не ставаат веднаш фотографии од местото каде претстојуваат и со тоа да им ја олеснат работата на потенцијалните криминалци.

За оние со подлабок џеб советите се да инвестираат во сигурносни брави со внатрешни шипки и алармни уреди на влезните врати и прозорците.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар