Предадена во функција спортската сала во ООУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци (видео)
13-12-2021 РЕГИОН

Спортската сала во ООУ „Страшо Пинџур“ Кавадарци од денеска и официјално е предадена во функција. Истата се изгради за помалку од една година и сега учениците ќе имаат можност наставата по физичко образование да ја изведуваат во овој објект. Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека  владата и министерството  се насочени да се подигне квалитетот во основното и средното образование.  Градоначалникот Митко Јанчев истакна дека ова е последна спортска сала во училиштата во градот и во наредниот период ќе се започне со изградба на вакви објекти и во подрчаните училишта.

 

Интензивното инвестирање во сите аспекти на образовниот систем, вклучително и во образовната инфраструктура и тоа рамномерно во сите општини е само потврда за тоа колку е искрена намерата и целта на Владата за обезбедување на еднаков пристап до што поквалитетно образование за сите. Уверувам дека тоа ќе биде така и во иднина, затоа што нема подобра работа од вложувањето во услови за добра едукација и за одржување на физичкото и менталното здравје на младите во државата. Така се создаваат здрави генерации полни со знаења, со креативност, со иновативност и кои можат забрзано да ја поведат земјата кон друштво на развиените во Европа.   Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на денешното отворање на новата спортска сала во состав на основното училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, инвестиција на Министерството за образование и наука во вредност од над 23 милиони денари. 

 

„На сите кавадарчани им честитам за овој модерен спортски објект, кој е четврти по ред изграден во оваа општина со средства на МОН. Верувам дека учениците ќе бидат најзадоволни, затоа што отсега ќе имаат квалитетни часови по физичко и здравствено образование“, рече Царовска, додавајќи дека за жал, досега во училиштето немало спортска сала, па со години, како што рече, се импровизирало само за да бидат евидентирани часовите во училишните дневници дека се одржани. 

 

„Отсега ќе биде сосема поинаку. Оваа салата е голем мотив за работа на наставниците и за добро да ја организираат наставата по овој предмет. Објектот е со површина од 650 квадратни метри и добро опремен за реализација на повеќе спортови како ракомет, кошарка, одбојка, мал фудбал и гимнастика. Имам верба дека токму од тука ќе произлезат и многу нови врвни спортисти кои ќе бранат клупски, но и репрезентативни дресови“, истакна Царовска, упатувајќи апел за интензивно, но и одговорно користење на објектот, за да можат што повеќе генерации да ја почувствуваат неговата вредност.  

 

Спортската сала е предадена во надлежност на општината, односно училиштето, кое ќе може и да стопанисува со истата, така што објектот по завршувањето на часовите на учениците, ќе биде достапен и за спорт и рекреација на сите заинтересирани жители на Кавадарци. 

 



Share

Додади коментар