Група граѓани, спортисти и спортски работници од Кавадарци предводени од семејството Пешиќ денеска одржаа мирен протест пред Основниот суд во Велес за поддршка на тренерот по стрелаштво Благој Пешиќ, осомничен за полов напад врз тринаесет годишно девојче од Кавадарци. Тие бараат како што велат да се исправи грешката при водењето на овој процес и осомничениот да се ослободи од притвор. Ќерката на Благој, олимпијката Дивна Пешиќ вели дека случајот е наместен и дека татко и неправедно се наоѓа во притвор. Таа смета дека судскиот процес има неправилности и незоконитости од самиот почеток бидејќи обвиненијата кои ги навела обвинителката не биле поткрепени со реални образложенија и докази.
„За жал јас не можам да ги кажам сите незаконитости и неправилности во работењето на јавниот обвинител кој што го води овој случај затоа што тоа е незаконски , но испишани се повеќе страници и доставени се до институции и органи кои се надлежни да го следат работењето и професионалноста на истите и се надевам дека правдата ќе излезе на виделина и првенствено татко ми да биде пуштен од притвор затоа што неговата здравствена состојба не е добра. Последиците од оваа местенка сум сигурна дека ќе ги сносат сите оние одговорни лица кои што се директно или индиректно вклучени во ова“, рече Дивна Пешиќ.
На протестот пред велешкиот суд присуствуваа бројни пријатели и соработници на осомничениот, негови ученици и колеги кои велат дека нивниот сограѓанин е невин и неправедно обвинет.
„Јас тренирам стрелаштво од мојата дванаесетта година. Тренерот Благој Пешиќ е прекрасен човек и тој ни беше како втор татко. Секаде сме оделе на натпревари со него и во земјава и надвор од неа. Со целосна доверба во него нашите родители не пуштале на тренинг бидејќи тој едноставно беше дел од нашите фамилии, рече Надица Апостоловска Димитровска.
„ Децата со нетрпение го чекаат да се врати за да продолжат со нивните тренинзи/ Човекот лично го познавам многу одамна, тивок, мирен и доста добар педагог и досега не сме имале никакви проблеми“, рече Сашко Богев од Кавадарци, родител на малолетно дете кое тренира во стрелачкиот клуб.
„За Благој рака би дал, тој е човек кој што ни на мравка не би згазнал. Ќе се бориме и ќе докажеме дека кај Благој нема грешка. Овие луѓе што се дојдени денеска се одразот на неговата чест и достоинство, рече Кирил Урошев, од Управниот одбор на стрелачкиот клуб.
Физичкиот контакт помеѓу тренерот и ученикот е неминовен за да се постигне правилниот став во стрелаштвото, објасни колегата на Пешиќ, Горан Илиев. Тој демонстрираше како треба да биде поставено телото на стрелецот за да може да направи прецисни истрели.
„Тренерот секогаш стои позади стрелецот и е набљудувач и кога ке увиди грешки може да укаже на нив и тие мали контакти ги има не само во стрелаштвото туку и во сите други спортови“, рече Илиев.
По предлог на обвинителката семејството Пешиќ понудило финансиска гаранција во висина од 216 илјади евра за да се смени одлуката. Но не била прифатена со образложение дека сумата била многу ниска за вакво дело. Другото образложение било дека сумата е ниска со оглед на тоа што двете керќи на Пешиќ живееле во странство и биле добро ситуирани.
Пензионираниот тренер по стрелаштво веќе два и пол месеци се наоѓа во притвор во Шутка. Против него беше покренато обвинение за наводен полов напад врз малолетна девојка која била дел од стрелците чиј тренер е тој. Неговото семејство стравува за неговата здравствена состојба бидејќи пред извесно време лекарите му дијагностицирале тромбоза која може да биде фатална по неговиот живот. Токму затоа тие бараат тој да се брани од домашен притвор.
превземено од www.duma.mk
Додади коментар