До крајот на септември сопствениците на трактори и приколки имаат законска можност да ги легализираат и регистрираат, а по овој рок, ќе следуваат репресивни мерки, рекоа денеска од кавадаречката сообраќајна полиција.
„Од трите технички прегледи имаме информации дека се легализирани околу 1000 трактори. Од нив 20 отсто се и регистрирани, а за остантите постапката е во тек. Законоската можност е до 30 септември, затоа апелирам до сите сопственици на трактори да ја искористат оваа законска можност, бидејќи потоа ќе следуваат репресивни мерки и ќе треба да плаќат казни. Откако ќе ги легализираат, сопствениците имаат обврска и да ги регистрират, а оние кои ги завршиле овие процедури имаат обврска една годишно да извадат осигурителна полиса“ рече инспекторот по сообраќај, Диме Крстев и напомена дека за нерегистрирано возило се плаќа глоба од 500 евра, а за неосигуран трактор глобата е 200 евра.
За време на гроздоберот во Тиквешко тракторите се најмасовно вклучени во сообраќај, а многу често дел од нив се и технички неисправни. За таа цел денеска сообраќајната полиција од Кавадарци делеше флаери со едукативна содржина. Се едуцираа трактористите кои со своите трактори беа запирани додека вршеа транспорт на грозје или пак се враќаа од лозовите насади. Им беше речено дека имаат законска обврска да ги доведат тракторите во техничка исправност за поголема безбедност во сообраќајот.
Инспекторот Крстев рече дека во изминатиот период на подрачјето на Кавадарци и Росоман за време на бербата на грозје, кога и овие земјоделски машини се активно вклучени во сообраќај, се регистрираат сообраќајни незгоди, но за среќа со помали последици. Затоа апелираше на поголема одговорност од трактористите за да не се случуваат несреќи.
Ангел Данов

Додади коментар