Во период од 18 до 20ти септември се оддржа првиот извиднички камп во Кавадарци на кој учествуваа 30 деца и млади.
Старешината на одредот Дарко Зоков вели дека со самото оформување на Извидничкиот одред Авантуристи на 09.03.2020, си поставиле за приоритет да прераснат во водечка организација за неформална едукација на децата и младите на територија на општина Кавадарци. Објаснува дека огромна поддршка во целиот процес добиваат од Сојузот на извидници на Македонија, каде што извидниците од Кавадарци станаа придружни членови од 21.06.2020.
„Иако оформени во период пред да се соочиме со предизвикот наречен Ковид 19, сепак продолжуваме согласно нашите цели. Целта на здружението е да придонесе во развојот на младите луѓе во достигнувањето на нивните потполни физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како членови на нивните локални и национални заедници, како и меѓународната заедница. Како една од најважните активности на Извидничкиот одред „Авантуристи“ е организирање кампови, едукативни хајкови, работилници и активности за зближување на децата со природата. По тој повод после долго време знамето на извидниците повторно се развиори на Моклишкиот Манастир Св. Никола, Ваташа, Кавадарци. За помалку од една година од кога започна со работа Извидничкиот одред Авантуристи успеа да го организира првиот извиднички камп во својот град“ вели Зоков и додава дека од 18-20.09.2020 (петок, сабота, недела) на кампот учествуваа 30 деца и млади на возраст од 11 до 13 години, водени од волонтери од 17 до 22 години. За време на овој камп младите пред се запознаваа нови другарчиња од сите основни училишта во Кавадарци, се дружеа и научија за: извидништвото, за извидничките закони и принципи, за извидничките вештини, за извидничките јазли и ориентација.
Овој настан е само почеток и е предвесник за сериозните намери кои ги има извидничкиот одред Авантуристи – да прерасне во доверлива, атрактивна и релевантна организација за сите деца и млади од Кавадарци и регионот, најавува старешината на одредот.
Настанот бил реализиран согласно сите заштитни мерки предвидени од Владата и ИЈЗ(Институт за јавно здравје) согласно последниот протокол за организирање на извиднички настани на отворено.
Додади коментар