Пратениците на СДСМ од Тиквешијата испратија барање до институциите да запре производството на струја од Тиквешкото Езеро
03-04-2021 РЕГИОН

Пратениците од Тиквешијата, Даниела Колева, Лолита Ристова и Панчо Минов во функција на контрола на спроведувањето на Законот за вода и Законот за заштита на животната средина, во однос на еколошки катастрофалната состојба со намалениот воден капацитет на Тиквешкото Езеро испратија пратенички барања до ЕСМ, МЗШВ, Водостопанство и Министерството за екологија.

 

Бараат надлежните еколошки и стопански инспекциски органи на утврдената  алармантна состојба со намалените количини на вода во Тиквешкото Езеро да издадат наредба да се прекине користењето на водите за производство на електрична енергија од страна на ЕСМ ХЕЦ Тиквеш Кавадарци.

 

„Актуелната состојба во која се наоѓа Тиквешкото Езеро во моментов е повеќе од алармантна за што секојдневно сме сведоци на разни објави по социјалните медиуми и согласно нашите видувања, нашето барање е насочено за преземање на итни мерки во правец на надминување на ваквата состојба“ пишуваат пратениците.

 

Бараат Водостопанство на Република Македонија, подружница „Тиквешко поле“ Кавадарци во законскиот рок 15 април годинава за отпочнување на наводнувањето да ги обезбедат неопходните количини од 95 милиони метри кубни вода на кота од 250 степени водостој на езерото, согласно со Дозволата за приоритетно користење на водата од акумулацијата Тиквешко Езеро. Тие напоменуваат дека непреземањето на навремени мерки ќе доведе до реални проблеми во отпочнување на сезоната на полевање и ќе создаде последици врз земјоделските култури.

 

Од Министерството за екологија бараат да ја гарантира еколошката одржливост со количините на вода во Тиквешкото Езеро за обезбедување на функционалност на рибниот фонд во езерото, околниот животински и растителен свет и нормалното користење на изградените објекти.

 

А.Д

 



Share

Додади коментар