Квалитетен род и добра цена очекуваат производителите на праска од најголемиот регион за производство на ова овошје во Македонија, црноречието. Во росоманско денеска на симболичен начин започна праскоберот, со откунување на првата праска на плантажите на земјоделското претпријатие „Душан Ќириќ“.
Праскоберот стартува со берба на сортата спринтајм, која се одгледува на помали површини. Веќе на пазарот во Русија заминаа првите два шлепера. Оваа сорта во Росоман се откупува во моментов на еден откупен пункт, а за бербата на останатите сорти ќе бидат активни десет откупни пунктови.
„Најчесто росоманската праска завршува на рускиот пазар . Се надеваме на зголемен извоз и зголемена цена, а со тоа да се зголемат и површините. Како бренд росоманската праска очекуваме да се пласира и на европскиот пазар“ рече градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов, на денешната свеченост по повод праскоберот. Тој ја најави и манифестацијата „Духовден – Праскобер 2014“ која се одржува во чест на празникот Духовден и почетокот на берба на праски. До понеделник во Росоман ќе се случуваат низа културни активности .
Земјоделското претпријатие „Душан Ќириќ“ годинава очекува родот на праски на нивните плантажи да биде тежок околу 3000 тони. Задоволни се од квалитетот, но и од цената која сами ја одредуваат, а странските откупувачи ја прифаќат.
„Најголемиот дел од нашето производство оди за Русија, Белорусија. Чешка, Хрватска, Босна и Словенија. Имаме најави и за Германија. Се надевам дека ќе се ефектуира средбата со нашиот партнер од Германија“ рече Ќиро Шошев, сопственик на „Душан Ќириќ“ и најави дека од крајот на мај континуирано трае бербата на праски. /А.Д
Додади коментар