Помош од општина Кавадарци за невладиниот сектор
21-02-2015 РЕГИОН

Меѓународниот фестивал на детски и младински хорови, еколошкото друштво „Тисовец“ и невладината организација „Зона“ добија по 40 илјади денари финансиска подршка за своите активности од буџетот на општина Кавадарци. На последната седница со 10 гласа „за“, 2 „воздржани“ и 6 „против“ советот на општината ја усвои одлуката за распределба на финансиски средства наменети за финасирање на проекти и програмски активности на здруженија и фондации кои работата во општината.

По 30 илјади денари добија здружението на граѓани за заштита и рехабилитација и организација на деца од општините Кавадарци, Росоман и Конопиште, општинскиот совет за превенција од малолетничко престапништво на град Кавадарци, ПСД „Орле“, друштвото на ликовни уметници. Советот одлучи од буџетот по 25 илјади денари да се издвојат за Народна техника, ОО на Црвен крст, здружението „Чекор кон Европа“ и здружението „Ликовна колонија Михајлово АРТ.

Здруженијата „Васил Хаџинаумов-Јуниор“, „Тиквешки роми“, здружението за развој, едукација и забава на децата со занаети и професии „Панчелито“, организацијата на жени  „Визија„ локален центар за подршка на развојот и демократија и здружението за алтернативна култура „Алтер центар„ добија по 20 илјади денари. Исто толку од општинската каса ќе се трансферираат и на сметка на Сојузот на борците од народоноослободителната и антифашистичка војна.

За здружението на писетели, здружението за негување и развој на винската култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек“, здружението за негување млади таленти „Ластарчиња“ и „Еко живот“ добија по 15 илјади денари. По само 10 илјади денари ќе добијат сојузот за спорт и рекреација на инвалиди Кавадарци. Здружението на глуви и наглуви лица, центарот за подршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, и здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“.

Во образложението на одлуката се наведува дека врз основа на доставените проектни предлози од нелвадиниот сектор, комисијата за евалуација на поднесените барања врз основа на квалитетот на содржината и бенефитот од проектите на здруженијата и фондациите  одлучила која организација по колку пари ќе добие од касата на општината.

Опозицијата гласаше против ваквата одлука, а советникот Горан Белевски поднесе и амандман со кој бараше наместо 40 илјади денари, здружението на граѓани „Зона“ да добие 10.000 денари, а да се зголемат средствата од буџетот од 15.000 на 30.000 денари за здружението за негување и развој на винската култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек“ и од 10 илјади на 25 илјади да се зголемат парите за здружението на глуви и наглуви лица Кавадарци.  Според Белевски оваа измена била потребна за  парите да заминат кај здруженија на кои им биле навистина неопхоидни. Амандманот беше отфрлен со 10 гласа.

 Ангел Данов



Share

Додади коментар