Показно-тактичка вежба на Криволак
21-06-2013 РЕГИОН

На стрелиштето Брест на армискиот полигон во Криволак денеска се одржа показна тактичка вежба на која учествуваа питомци и студенти на воените академии од регионот. Тие вежбаа и стекнување со одредено академско ниво во доменот на пост-конфликтните операции, особено од меѓународно-правните и дипломатски аспекти на напорите за градење на мир во рамки на меѓународните организации како НАТО и ЕУ.

- Ова е уште еден доказ дека армиите,министерствата и земјите во регионот во соработка со земјите пријатели можат заеднички да се обучуваат и стекнат нови знаења во справување со конфликти и конфликтни ситуации. Во тој контекст можевме да видиме дека питомците уште во студентските денови како и студентите од цивилните институции можат да соработуваат и да градат пријателства кои ќе ги продолжат во водењето на единиците во нивните армии. Ова е уште еден доказ дека земјите и народите од регионот можат да бидат компатибилни во соработката во заедничката работа во справување со разни ситуации во иднина, - рече министерот за одбрана Талат Џафери.

- Ми претставува особена чест што сме поканети како држава да присуствуваме на овој летен кампус. Убаво е да се видат питомци од мултинационалните сили од повеќе земји кои се присутни овде како на пример Македонија, Бугарија, Велика Британија, САД и Република Косово кои што работат заедно и имаат одлични импресии. Задоволни се од се она што се случуваше на овој летен кампус, - рече Кристофер Ивон,амбасадор на Обединетото кралство во Македонија.

Ова е четврта година како Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” – Скопје со поддршка на Министерството за одбрана и на Генералштабот на Армијата на Република Македонија е домаќин на питомци и студенти од земјите во регионот, како и од земји кои се членки на НАТО.

Билјана Наумова Тошевски



Share

Додади коментар