Ниско стеблеста шума и трева беа зафатени со пламени јазици вечерва на Љубаш. Пожарот беше сериозна закана по белите дробови на Кавадарци, велат пожарникарите.
Според првичните проценки пожарот најверојатно е причинет од несовесен однос на поедини граѓани кои и понатаму ги палат остатоците по завршеното кроење на виновата лоза. Ова е трет пожар денеска.
„Интервениравме со две противпожарни возила и пожарот е веќе локализиран. Постоеше сериозна закана пламенот да ја зафати боровата шума која е од големо значење за воздухот во Кавадарци“ велат од кавадаречката противпожарна единица.
На помош на пожарникарите од против пожарната единица им пристигнале и вработени во шумско стопанство „Бор“. На местото каде избувна пожар покрај пожарникарите имаше претставници и на општина Кавадарци.
Од ТПЕ Кавадарци апелираат до сите граѓани кои деновиве се активни и вршат кроење на лозјата да не ги палат прачките, бидејќи покрај што го загадуваат воздухот, таквите огнови се сериозна закана за пожар, бидејќи веднаш по палењето ги напуштаат насадите и огнот не контролирано се шири.
Деновиве пожарникарите од Кавадарци речиси секојдневно интервенираат во гаснење на вакви пожари на отворено.
А.Д

Додади коментар