Подготовките привршуваат, гроздоберот почнува од петок
10-09-2013 РЕГИОН

Многу забава и содржини за сите возрасти ќе понуди годинава новото издание на стопанско-туристичката и културна манифестација Тиквешки гроздобер. Започнува во петок и во знакот на грозјето и виното Кавадарци ќе живее се до недела. Денеска беше претставена и официјалната програма од организаторот иако веќе е познато дека главна атракција за посетителите на гроздоберот ќе бидат Масимо Савиќ, Синтезис, Кирил Џајковски и Фрајле.  Покрај нив свои концерти ќе одржат и Каролина Гочева, Тамара Тодевска и ДНК.

Во рамки на активностите од Тиквешкиот гроздобер во петок ќе биде отворена спомен собата на големиот македонски етномузиколог Васил Хаџи Манов. Ќе има настап на фолклорни друштва, натпревар во табла, настап на локални бендови и естрадни уметници.  И годинава во чест на легендарниот Никола Бадев ќе се одржи вечер на неговите песни кои ќе ги исполат естрадни уметници од земјава.

Организаторот очекува покрај со звучните имиња на естрадни уметници вниманието на посетителите да го задржи и со кубанската музичка атракција Хавана Микс.

Карневалското дефиле од винскиот карневал ќе се одржи во сабота, а и годинава нема да изостане и детскиот карневал. Ќе бидат поставени бројни штандови на винарии и компании кои произведуваат месни и млечни производи.

A.Д



Share

Додади коментар